Фото: Сашо Бетоски

Вчера василичарските тајфи од Горна и од Долна Маала, придружени од зурли и тапани, продефилира низ населбата, претставувајќи ги своите маски за актуелните сатирични теми, додека вечерта се одржа концерт на повеќе македонски фолк-групи, вели Сашо Бетоски, афористичар од Вевчани

Традиционалниот вевчански карневал „Василичари 2019 година“ и оваа година собра илјадници гости, од земјава и од странство, кои сакаа да бидат дел од дефилето под маски, кои на сатиричен начин ги отсликаа случувањата што во Македонија, но и во светот, ја одбележаа изминатата 2018 година, што вчера напладне се одржа во Вевчани.

– Василичарските свечености во Вевчани почнаа на 12 јануари со настап на повеќе рок-групи, во пријатна атмосфера исполнета со гости од нашата република и од странство. Овие два дена Вевчани со пагански обичај го слави доаѓањето на новата година по јулијанскиот календар. Вчера василичарските тајфи од Горна и од Долна Маала, придружени од зурли и тапани, продефилира низ населбата, претставувајќи ги своите маски за актуелни сатирични теми, додека вечерта се одржа концерт на повеќе македонски фолк-групи. Василичарите ги посетија вевчанските домови, каде што по полноќ со осветена вода од Вевчанските Извори се замесува традиционалниот специјалитет – кашаник, во кој е скриена паричката, која ја очекуваат домашните кому ќе му падне.

Денес (14 јануари) групите со василичари повторно во весела атмосфера ќе продефилираат низ населбата, а потоа на плоштадот го играат василичарското оро и ги палат маските со кои два дена ги засмејуваа посетителите на карневалот – ни рече Сашо Бетоски, афористичар од Вевчани.

Сите гости што имаат вевчански пасош, можеа без проблем да поминат низ портите на гардот и да влезат во „Република Вевчани“, додека другите мораа да платат влезница од 100 денари. На сите добронамерници на влезот им беше пондуено да се напијат вино или ракија за добредојде. Собраните пари од купените пасоши и личници служат за изработка на маски за следната година. Првиот вевчански пасош му беше доделен на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров, а вториот го поседува Хилари Клинтон.

Градоначалникот Сашо Јанкоски ги информира присутните новинари дека патот до Вевчани и улиците низ населбата се чисти, а сместувачките капацитети се исполнети до последното место.

– Ги очекуваме сите љубители на хуморот и сатирата да дојдат во Вевчани и да го проследиме заедно спектаклот под маски. Годинава над 1.000 василичари ќе продефилираат низ вевчанските улици, а месното население е подготвено во своите домови да ги пречека и да ги нагости гостите со традиционални специјалитети, луканци и греани ракија и вино – најави Јанкоски.

И годинава двете василичарски друштва од Горна и од Долна Маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавиот Август и другите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања во изминатите 12 месеци продефилираа низ вевчанските улици.

Новата година, според јулијанскиот календар беше дочекана со концерт на „Баклава“, „Џубокс бенд“, „Кате и нели ти реков“ и „Оркестар зурли и тапани“. Претходната вечер гостите ги забавуваа: „Културно-уметнички работници“, „Архангел“, Неша Галија и диџеј Рутбој.

Во утринските часови традиционално невестите од двете маала заедно со гостите одат на Вевчанските Извори да наполнат вода со која се прави вевчанскиот кашаник (зелник) во кој се става паричката. Оној кому ќе му се падне паричката ќе биде среќен и бериќетен во текот на целата година. Според традицијата, манифестацијата завршува денеска попладне со палење на маските во центарот на Вевчани.


Манчевски: Денеска ќе се смеам, ама вечерва сигурно ќе се замислам!

Денеска е ден за сатира, за смеење и малку да се пошегуваме за да најдеме некое друго значење на она со што се занимаваме и го правиме секој ден. Сигурен сум дека ние политичарите ќе бидеме предмет на критика денеска и едвај чекам да видам што имаат подготвено вевчанци и василичарите со своите маски. Денеска сигурен сум дека тука ќе се смеам, ама знам дека вечер сигурно ќе се замислам. И ова е дел од критиката и нормално е власта да биде критикувана. Тоа е демократија и затоа е власта за да биде критикувана, а критиката може да направи само подобра власт. Ако не, треба да биде сменета, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пред официјалното отворање на „Вевчанскиот карневал“.