По значајната одлука за воведување на системот видеопомошник-судија (ВАР) на Светското првенство (СП) во фудбал во Русија, Светската фудбалска федерација (ФИФА) е екстремно задоволна од широкото прифаќање на ВАР од фудбалерите, тренерите, гледачите и од медиумите.
Звонимир Бобан, заменик-генерален секретар на ФИФА, задолжен за развој на фудбалот, кој го надгледуваше целиот проект со ВАР, ја истакна важноста на револуционерната употреба на видеотехнологијата во фудбалот.

– Како што изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, ВАР не го менува фудбалот, туку го чисти фудбалот, а токму тоа беше нашата цел кога го почнувавме овој проект заедно со Интернационалниот борд на фудбалските асоцијации (ИФАБ). Подготовките, пред и за време на СП, координирани и водени од претседателот на судискиот комитет на ФИФА, Пјерлуиџи Колина и на директорот на ФИФА за судењето, Масимо Бусака, продуцираа исклучителни резултати. Горд сум што бев дел од овој тим – рече Бобан.
Воведувањето на системот видеопомошник-судија (ВАР) постојано беше тема на дискусии за време на Светското првенство во Русија.

– Одлично беше тоа што имаше толку широка дискусија, но само целосното разбирање на правилата на играта и на процедурите на ВАР им даваат кредибилитет на тие дискусии – вели Бобан.
Врз база на успешното судење и употребата на системот ВАР на СП 2018, од ФИФА велат дека ќе продолжат со напорите за подобрување и за развој на вкупните стандарди на судењето и ќе им помогнат на сите членки на ФИФА и натпреварувања, во воведувањето на ВАР во нивните првенства.