Варијабилноста на срцевиот ритам

Варијабилност на срцевиот ритам претставува мера на варијацијата во време помеѓу секој срцев удар. Оваа варијација е контролирана од страна на автономниот нервен систем и е независна од нашата волја, како што се впрочем и нормалниот срцев ритам, крвниот притисок, дишењето или активностите на дигестивниот систем. Всушност, нашето срце не работи како обичен метроном, иако нам ни се чини дека чука сосема регуларно. Постојат осцилации и варијации кај здравото срце и тие се комплексни и нелинеарни. Флуктуациите на здравите срцеви удари понекогаш се опишуваат како „математички хаос“. Токму таа способност за варијабилност и нелинеарност обезбедува флексибилност на биолошките потреби и брзо справување со некои ненадејни промени што се случуваат во околината. Во нормални услови нашето срце чука околу 60 пати во минута. Кај здравото срце варијабилноста помеѓу ударите изнесува неколку милисекунди. Кога срцето е заболено, оваа варијабилност се смалува и 60-те удари во минута стануваат скоро непроменливи.

Всушност, колку нашиот нервен систем е поздрав, толку сме способни побрзо да го промениме вообичаениот срцев ритам. Причината за ова е што нашиот мозок постојано процесира информации во оној дел што се означува како хипоталамус. Тој, пак, преку гранките на автономниот нервен систем испраќа сигнали во делови од телото за да предизвика промени во телесните функции. Тоа се случува, на пример, кога имаме лош сон, или кога сме во судир со нашиот шеф на работното место, или кога јадеме некоја силна храна. Овој нормален одговор се менува ако сме под постојан (хроничен) стрес, ако имаме лош сон, лоши односи со околината, ако сме изолирани или осамени, или ако не се движиме доволно. За да имаме добар одговор на сите овие закани неопходно е нашиот нервен систем да е здрав, а токму варијабилноста на срцевиот ритам претставува индикатор за тоа.

Срцевиот ритам се генерира во срцевиот сино-атријален јазол, кој создава електрични импулси што директно влијаат колку пати срцето ќе чука во една минута. Токму тој јазол е под директна контрола на автономниот нервен систем, кој има две гранки: симпатикус и парасимпатикус. Било да сме одморни или по тежок физички напор, овие две гранки на автономниот нервен систем дејствуваат заеднички и предизвикуваат одговори врз варијабилноста на срцевиот ритам, но и на респирациите, температурата, крвниот притисок или одговорот на стрес итн. Притоа, настанува висока варијабилност на срцевиот ритам. Но кога не сме доволно одморени, здравите варијации помеѓу срцевите отчукувања почнуваат да се смалуваат и тоа индицира небалансираност. Така, оние што многу седат во текот на денот имаат помала варијабилност на срцевиот ритам, а оние што се под стрес и имаат поголема активност на симпатикус имаат поголема варијабилност.

Неопходно е уште еднаш да нагласиме дека смалена варијабилност на срцевиот ритам постои при состојби на: стрес, лош сон, лоша исхрана, консумирање алкохол, при болест, акутно претренирање во спортот, при земање некои лекарства итн. Долгорочно смалување на варијабилноста на срцевиот ритам настанува при хронични заболувања или инфламации, хроничен стрес или состојба на согорување (бурноут), хронично неспиење, лошо организиран спортски тренинг итн. Најкратко кажано, научно е докажано дека варијабилноста на срцевиот ритам е всушност визуелен приод во работата на најпримитивниот дел од нашиот мозок!
Мониторингот на варијабилноста на срцевиот ритам претставува неинвазивна, доста модерна и интересна метода за евалуирање на небалансираниот нервен систем. Ние ја воведовме уште пред десетина година на Клиниката за детски болести и ја употребувавме како еден вид периферен биофидбек-тренинг кај разни ментални нарушувања кај децата: анксиозност, депресија, опозиционерно однесување, хиперактивност, панични атаки, несоници итн.

Кај неколку групи деца и адолесценти варијабилноста на срцевиот ритам ја меревме и трениравме со помош на специјална апаратура и покажавме дека по 15 сеанси тренинг се доби подобрување на психометриските тестови кај децата со анксиозно-фобични растројства, опозиционерно однесување, со несоница, соматоформни растројства, но многу помал ефект се доби кај децата со растројство на вниманието и хиперактивност. Кај оваа последна група подобри резултати постигнавме со неурофидбек-тренинг.
Варијабилноста на срцевиот ритам е особено добра метода за спортистите. Со нејзина помош одлично се одмерува дозата на неопходен тренинг, а се избегнува преголемо тренирање кое може да има негативен ефект.