Капиталните осум гола (31-23) од првиот дуел во Скопје се покажаа како преголем залак за Сегед, кој, и покрај победата од 29-25 на домашен терен, сепак не успеа да направи чудо

Ракометарите на македонскиот шампион Вардар третпат во низа ќе играат на завршниот фајнал во Лигата на шампионите (ЛШ) во Келн (1-2 јуни), откако во четвртфиналниот двомеч успеаја да го елиминираат унгарскиот првак Сегед, што претставува огромен успех во оваа силна конкуренција. Капиталните осум гола (31-23) од првиот дуел во Скопје, се покажаа како преголем залак за Унгарците, кои, и покрај желба и победата од 29-25 на домашен терен, сепак не успеаја за првпат да бидат дел од завршницата во Келн.

Сепак, мошне возбудливо беше во реванш-мечот. Избраниците на вардаровиот тренер Роберто Парондо, на кои малку кој пред почетокот на сезоната им даваше шанси дека ќе се пласираат во завршницата во ЛШ, како поради играчкиот состав, така и поради моментната финансиска состојби во клубот, првото полувреме го одиграа катастрофално слабо, овозможувајќи му на Сегед дури и да ја анулира предноста од осум гола од Скопје.

Во вториот дел, вардарци се консолидираа и во периодот од 45-та до 51-та минута постигнаа шест гола во низа, со што патот кон Келн го направија реален, а ги уништија соништата на Унгарците.

Најефикасни кај вардарци беа Иван Карачиќ со осум гола, Данаис Кристопанс постигна пет, а четири Тимур Дибиров, додека кај Веспрем Деан Бомбач даде шест.

Покрај Вардар, на фајналфорот во Келн ќе настапат шпанскиот првак Барселона, унгарскиот вицешампион Веспрем, кои, очекувано, со вкупна гол-позитива од двата меча ги совладаа француски Нант (29-26), односно германски Фленсбург (29-25). Во редовите на Веспрем, Дејан Манасков постигна два гола, додека кај Нант, Кирил Лазаров имаше три гол-реализации. Третиот патник е полски Киелце, кој едвај успеа да ја зачува позитивата од 10 гола од првиот дуел, загубувајќи на гости од француски ПСЖ со девет гола (26-35), иако Французите имаа во четири наврата предност од 11 гола. Полуфиналната ждрепка е закажана за утре во Келн.

И годинава во Келн едно е сигурно, а тоа е дека ќе продолжи традицијата последниот првак да не биде во можност да ја брани титулата, а тоа е француски Монпелје, кој не избори пласман на фајналфорот, додека трета година по ред германска екипа ќе апстинира во Келн.


Манасков дебитант на фајналфор

Македонското репрезентативно лево крило и член на унгарски Веспрем, Дејан Манасков, по Кирил Лазаров е вториот македонски ракометар што со странски клуб ќе игра на завршниот фајналфор во Келн. Лазаров тоа го стори со Барселона во 2015 година, кога Шпанците ја освоија европската титула.


Четвртфинални двојки
прв меч    реванш
Веспрем – Фленсбург
28-22        29-25
Барселона – Нант
32-25        29-26
ПСЖ – Киелце
24-34        34-26
Сегед – Вардар
23-31        29-25