Ракометарите на Вардар со вкупно 17 победи, едно реми и пет порази во две меѓународни клупски натпреварувања (по победата завчера со 34-30 на гости кај Стеауа во Регионалната лига) ја завршија 2018 година, во која во вториот дел клубот го напуштија стандардните Лука Циндриќ, Арпад Штербик, Илија Абутовиќ, Жоан Канелас, Хорхе Македа, Страхиња Милиќ и Мијајло Марсениќ, како и тренерот Раул Гонзалес. Црвено-црните предводени од новиот тренер Роберто Парондо и дополнети со неколку нови играчи (Дмитри Кисељев, Дејан Милосављев, Сташ Скубе, Кристијан Дисингер, Грегор Оцвирк и Калифа Гедбане), продолжија со успешната игра и резултати.

Во Лигата на шампионите (ЛШ) Вардар е втор со 13 бода, пет помалку од водечката Барселона. При тоа во групата А ја има втората најдобра одбрана (277 примени гола), зад Веспрем (274), и со постигнати 284 гола (28,4 по меч). До крајот на групната фаза треба да се одиграат уште четири меча, а вардарци имаат големи шанси да ја задржат втората позиција, иако според прогнозите на ЕХФ пред почетокот на сезоната не беше рангиран ни меѓу првите 10 тима за највисок пласман.

И во Регионалната лига (РЛ), Вардар, кој е актуелен бранител на титулата, е мошне успешен. По 13 кола Вардар е прв со 33 бода, колку што има и Загреб, но со послаба гол-разлика. Вардарци најмногу пати (376) ја тресеа мрежата, колку што има и Мешков, но со натпревар помалку. До почетокот на фајналфорот в година остануваат уште пет кола, а Вардар и сезонава е еден од најголемите фаворити за првото место.