Ракометарите на македонскиот првак Вардар ќе се обидат петти пат да стигнат до победничкиот трофеј во Регионалната лига (РЛ), чиј фајналфор-турнир се игра денеска и утре во белорускиот град Брест. Во вториот полуфинален натпревар, денеска (19 ч.), Вардар ќе игра против домаќинот Мешков, а претходно (од 16.30 ч.), ќе играат хрватските тимови Загреб и Нексе.

Вардар, кој во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), ќе игра со унгарски Сегед, двапати загуби од Мешков сезонава во РЛ, на гости со 20-35, а во Скопје со 30-32. Вкупно црвено-црните се поуспешни со 10 победи, пет порази и две ремија. Загреб, пак, против Нексе одиграл 12 средби, а загубил само еден меч. Вардар е најтрофејниот клуб во РЛ со четири титули (2012, 2014, 2017 и 2018 година), а двапати бил втор. Мешков нема трофеј, но двапати играл во финалето, во 2014-та, кога загуби од Вардар (27-29) и во 2015 година, а еднаш и трет, во 2017 година. Две титули има унгарски Веспрем (2015 и 2016 година), а Загреб една (2013-та). Црвено-црните во регуларниот дел од сезоната беа први со 42 бода, а потоа следuvaа Загреб, Нексе и Мешков со по 39 бода.

Сезонава најефикасен стрелец во РЛ е Милош Гроздениќ од Војводина (102 гола), а од финалистите Халил Јагањац (Металург/Нексе) е четврти (77 гола), петти е Златко Хорват од Загреб (75 гола), а Вардар и Мешков немаат ниту еден меѓу првите 10 стрелци. 


ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ
2012 Вардар
2013 Загреб
2014 Вардар
2015 Веспрем
2016 Веспрем
2017 Вардар
2018 Вардар
2019 ?