Во нашето село до пред 30-40 години работеле околу 80 валавици, кои биле познати и на пошироките балкански простори, а сега работат само две, вели Иван Крстески од селото Вирово, сопственик на последните активни валавици

Вирово, село што се наоѓа на средината од патот Кичево – Демир Хисар, со векови го красат два симбола по кои е препознатливо, надалеку познатите валавици и стариот даб во непосредната близина на манастирот „Света Петка“, каде што секоја година на 8 август се собираат верниците од целиот регион за да го прослават овој празник.

– Се претпоставува дека валавиците датираат од времето кога првпат почнало да се ткае во овој крај, а тоа значи дека имаат многу долга традиција. Во нашето село до пред 30-40 години работеле околу 80 валавици, кои биле познати и на пошироките балкански простори, а населението од работата живеело доста богато. Денес кога селата во земјава се испразнија, нивниот број се сведе само на три и тоа една за валање шајак, која веќе не работи, и двете други валавици, кои денес служат за перење ќебиња, јамболлии…, но не и за валање волнени производи, бидејќи никој повеќе не ткае и не произведува вакви изработки – вели Иван Крстески од селото Вирово, сопственик на последните две активни валавици.

За потребите на валавиците отсекогаш се користела водата од планината Бигла, на која потоа се правеле дрвени корита со височина од најмалку 4 метри, од каде што таа со сета сила се насочувала кон валавицата каде што се создавал воден вител. Како и порано така и денес валавиците се изработуваат од букови штици долги најмалку 2 метра на врвот зашилени, да можат да се забијат во земјата и на тоа место остануваат барем 5 години или додека не изгнијат.

– И денес не е променета формата на валавиците, тие се длабоки 2 метра, на дното се широки само 20 сантиметри, а на врвот имаат широчина од 2 метри. Се прават од букови штици, кои во зависност од употребата и времето се менуваат на секои 5 до 7 години. Што се однесува на валањето во минатото, должината на валањето зависело од квалитетот на волната и од што е добиена. Така, за одредени волнени производи биле потребни само 4 часа валање, додека на пример за производите од мариовската волна биле потребни и 7 дена, бидејќи волната од мариовската овца тешко била подложна на промени. Додека валавиците за шајак имале и дополнителни перки, цело време да го вртат материјалот за да може рамномерно да се извала – додава Иван.

Тој посочи дека денес на неговите валавици месното население, хотели и други установи од градовите перат ќебиња и други текстилни прекривки.

– Бидејќи денес нема повеќе што да се вала, вировите служат единствено за перење ќебиња, јамболлии, веленца и други прекривки. За едно перење во вировите можат да се стават и 30 ќебиња, кои по 30 минути ќе бидат чисти и испрани како нови. Во нашата валавица и денес ги переме ќебињата од хотелот „Молика“ и други установи, кои немаат соодветни машини, додека пред повеќе години нашите валавици им беа ставени на услуга и на болниците. Инаку за сите што имаат желба да ги користат, тоа можат да го направат во секое време кога валавиците се слободни и таа услуга за сите добронамерници е бесплатна – заврши сопственикот на последните вировски валавици.

Вториот симбол што го краси селото Вирово е дабот стар повеќе века.

– Стариот даб се наоѓа во непосредната близина на манастирот „Света Петка“. Обемот на неговото стебло е толку голем што петмина луѓе треба да го обиколат за да го префатат. Како што одминуваат годините така неговото стебло е сѐ поголемо, а стотината постојани мои соселани со љубов зборуваат за многувековниот даб, што се наоѓа на едно вакво свето место и можеби затоа доживеал толкава старост – вели Златко Бошевски, повремен жител на селото Вирово.