Шаховските клубови БМ Кисела Вода и Центар, двата од Скопје, обезбедија пласман на Екипното првенство на Македонија, во август. Во конкуренција беа четири екипи, кои играа по Бергеров систем на шест табли по меч. Првото место го освои некогашниот повеќекратен првак на Македонија, БМ Кисела Вода (состав: Роландо Кутиров, Сашо Симјановски, Зоран Илиќ, Влатко Петковски, Илија Стошевски, Бранко Пауновски), со 14 поени, пред Центар со 12,5. Трет е Неготино со 5,5 поени, а четврти е Ласкер од Охрид со четири.

Првите две екипи ќе им се приклучат на шампионот Алкалоид, на Гамбит Асеко СЕЕ, 13 Ноември и на Карпош, сите од Скопје, кои имаат обезбедено директен пласман на шампионатот.
Велемајсторите Кутиров (на мажите) и Александар Чоловиќ (на жените) најверојатно ќе бидат новите селектори на репрезентациите на Македонија. Според последните информации, на распишаниот конкурс се пријавиле само тие двајца. Се очекува УО на ШФМ на својата прва седница да ги верификува нивните мандати. Кутиров би дошол на местото на ФМ Марјан Митков, а Чоловиќ на местото на ВМ Влатко Богдановски.
Најуспешен селектор на Македонија е ФМ Иван Кочовски, кој ги предводеше шахистите на Шаховската олимпијада во Истанбул во 2000 година, кога репрезентацијата го подели високото седмо место.