Калум Хадсон-Одои

Влијанието на Џејдон Санчо во Борусија Дортмунд и интересирањето на Баерн за Калум Хадсон-Одои од Челси се најистакнатите примери за тој растечки тренд

Постојат многу клубови од Европа што размислуваат за ангажирање на младите англиски фудбалски таленти, особено за оние родени од 2001 до 2003 година, кои ретко или воопшто не добиваат шанса за играње во матичните клубови. Пред нив е дилемата каде и како да го реализираат неоспорниот талент и да ги избегнат многуте пречки во Премиер-лигата, пишува англиски „Индипендент“. Излезот го бараат во германската Бундес-лигата, каде што тамошните клубови се позаинтересирани и им даваат шанса за играње во сениорска конкуренција. Влијанието на Џејдон Санчо во Борусија Дортмунд и интересирањето на Баерн за Калум Хадсон-Одои од Челси се најистакнатите примери за тој растечки тренд.
Според еден германски скаут, Џејдон Санчо е тој што им ги отворил очите на сите, тој е примерот.

– Момчињата не се плашат да се преселат во странство. Тоа може ги трансформира нивните кариери на добро да, како што се случи со Санчо и како што сега се чини дека е можно во Германија. Таму нема некоја голема јазична бариера, во клубовите повеќето менаџери се млади и порано работеле со младите категории играчи – вели еден од родителите.

Агентот на еден млад играч вели дека 12 клуба од Бундес-лигата се во редовен контакт со него. Тоа кажува дека практично сите германски врвни клубови интензивно ги следат младите играчи од Англија. Некои сметаат дека тоа е неизбежна инверзија на деновите кога клубовите од Премиер-лигата ги зедоа Сеск Фабрегас или Жерар Пике, како тинејџери, и природна прогресија на начинот на кој еволуира трансфер-пазарот.

Некои велат дека е потребна целосна реконструкција на начинот како се работи со англиските таленти, кој во последната деценија, што е по малку иронично, беше под влијание на Германија и на Шпанија. Тоа значи дека во моментов Англија претежно произведува брзи и технички креативни крилни играчи. Тие се тип играч каков што германскиот систем не успеа да продуцира, затоа што тој произведе изобилство „универзални“ играчи од средниот ред. Исклучок е Лерој Сане, но неговата ситуација уште повеќе го одразува овој тренд.

Но едно од клучните прашања е зашто матичните клубови не им даваат повеќе шанси во ситуација кога ги бараат големите европски клубови. Зошто се одлучуваат за многу поскапи и постари фудбалери од странство? И зошто Германија? Нема некое едноставно објаснување за сите овие работи. Прашањето не е само дали некој играч е подобар или не, туку и дали клубот е подготвен да ризикува ако му се даде шанса да игра. Врвните клубови знаат дека младиот играч од странство е поподготвен, бидејќи веќе има искуство од играње во врвна лига во друга земја. Тоа не е случај со нивниот млад играч, бидејќи го нема тоа искуство!

Многумина што работат на континентот едноставно не можат да поверуваат како се однесуваат англиските клубови кога станува збор за возраста на фудбалерите. Тие немаат доверба во 18-годишник, ако можат да доведат 21-годишен играч од странство. Директорот на еден француски клуб вели: „Не ми се верува што сѐ поседуваат некои англиски клубови, а не го користат. Возраста не би требало да е проблем, туку квалитетот. Се чини дека тие малку ги почитуваат играчите, иако претходно повеќе години инвестирале во нивниот развој“.

Тоа само го нагласува сомневањето на многумина дека повеќе станува збор за бизнис, отколку за фудбалски академии. Постои верување дека главните цели на некои младински структури не се да произведуваат таленти, туку да заработат пари преку нивната продажба, пишуваат англиски медиуми.

Сега постои тренд на фудбалерите тинејџери да им се даваат ветувања, да се врзуваат со „цврсти“ договори. Тие потоа добиваат мала шанса за играње, а во меѓувреме клубот ангажира други играчи. Многумина, пак, сметаат дека постои нетрпение или алчност кај родителите. Некои се жалат на недостиг од комуникација со клубовите, и обратно. Погледнете го искуството на Луис Бејкер. Тој беше еден од најсјајните таленти во Англија и на тинејџерска возраст потпиша двегодишен договор во Челси, наместо да оди во друг клуб или земја, да игра и да стекнува искуство. Тој по многуте заеми во други клубови и играње „лажен фудбал“ уште е во Челси и веќе има 23 години. Сѐ се сведува на тоа талентот да се максимизира преку играње и стекнување искуство на пресудна возраст, а не да се потроши на трансфер-пазарот.

Џејдон Санчо

Хадсон-Одои и редица други се подготвуваат за Германија

Покрај Џејдон Санчо и Калум Хадсон-Одои, има повеќемина млади играчи за кои постои сериозен интерес од клубовите од Бундес-лигата. Тоа се Рис Оксфорд од Вест Хем (20 години), Мет О’Рајли, Ксавиер Амачи (Арсенал), Кертис Џонс (Ливерпул), Арвин Апија (Нотингем форест), сите по 18, потоа Мејсон Гринвуд (Манчестер јунајтед), Тајрис Џон-Џулс (Арсенал); Артур Оконко (Арсенал), Лука Ешби-Хамонд (Фулам), по 17. Потоа следуваат Трој Парот (Тотенхем), Морган Роџерс (ВБА) со по 16, па Луи Бари (ВБА), Харви Елиот (Фулам), Леоџо Дејвидсон (Манчестер сити) со по 15 години итн.