Бугарските пратеници вчера требаше да гласаат за новата програма за модернизација на армијата на Бугарија и се очекува таа да биде поддржана од сите политички партии. Со овој проект се предвидува купување на најмалку осум авиони и 150 оклопни возила и друга борбена техника во вкупна вредност од околу 3,3 милијарди лева. Плановите на Министерството за одбрана на Бугарија е да побара 12 понуди за купување борбени авиони од седум различни држави. Една од опциите е да се набават авиони од американскиот „ф-16“, кој е и најпродаваниот воен авион во светот, а кој претрпе многубројни модернизации, објави „Монитор“.

Сега бугарската армија располага со авиони од типот „миг-29“ и познатите пешадиски оклопни возила БТР. Модернизацијата на армијата е силно поддржана од ГЕРБ и ДПС, но пратениците од БСП, како и партијата на Веселин Марешки имаа поинакви ставови за ова прашање кога се расправаше на собраниските комисии. По реакциите на јавноста дека се противат на модернизацијата на армијата, од овие две партии има најави дека ќе гласаат за предложената програма за модернизирање на бугарската армија.
– Ова не е проект на една влада. Ова е една од причините да се гласа во народното собрание за да се постигне консензус меѓу сите политички сили. Тоа е нешто што е неопходно и треба да се случи – изјави пратеникот на ГЕРБ Христо Гаџев.
Тој дополни дека во овој момент не може да станува збор за набавка на нова руска воена техника за одбрана, бидејќи новата опрема, треба да биде компатибилна со онаа на НАТО-сојузниците.