Бугарија се наоѓа на првото место во Европа според порастот на бројот на затвореници во 2016 година, дури и ќе ја надмине Турција. Статистичките податоци на Советот на Европа се изненадувачки со оглед на масовните апсења и случаите на самоубиство во Турција за т.н. државен удар против претседателот Ердоган, објави „Сега“.
Во Турција, бројот на затворениците се зголеми за 9,5 отсто, додека во Бугарија стапката изнесува 10,8. Пораст на бројот на затвореници има и во Чешка (7,6 отсто), Србија (6,6 отсто) и во Данска (5,5 отсто).

Во септември 2016 година во Бугарија имало 8.347 притвореници и затвореници. Секој од нив има на располагање во просек од четири квадратни метри простор за живеење. Бугарија има 9.670 ќелии, од кои 8.127 се во затворите, а преостанатите се наоѓаат во притвор. Престојот на еден затвореник во затворите во Бугарија чини 111 лева дневно. Просекот во Европа изнесува 51 евро.

Бугарија е меѓу земјите со најголем број затвореници осудени за кражба. Европскиот просек е 30 осуденици на 100.000 жители во Европа. Во Бугарија овој просек изнесува 37, а со полоши показатели се само Азербејџан (38,5), Турција (42,7), Полска (47,8) и Грузија (231,7).

Најголемиот дел затвореници во Бугарија (29,7 отсто) имаат казна од една до три години, а два отсто имаат доживотни затворски казни.