Само Бугарија е полоша од Хрватска според стандардот и бруто-домашниот производ по жител од сите земји-членки на Европската Унија. Иако Бугарија е економски понеразвиена, постои сериозна можност да ја престигне Хрватска, поради тоа што бугарската економија во последните осум години забележува поголеми стапки на раст и ја намалува предноста на Хрватска. Значи, Хрватска би можела да падне на последното место од групата десет земји од Средна и од Источна Европа, кои поминаа низ транзиција во пазарната економија, како што се Романија, Бугарија, Словачка, Словенија, Чешка, Полска, Литванија, Летонија, Естонија и Унгарија, пишува „Слободна Далмација“. Од овие осум земји, осум имаат повисок стандард од Хрватска, а Романија е приближно на исто ниво.

Годинава, според проекциите за раст на Европската комисија, Хрватска од оваа група ќе има најмал економски раст од 2,8 отсто, а следната година 2,6 отсто. Најголем раст во истиот период ќе оствари Романија од 4,4, односно од 4,1 отсто, додека Бугарија ќе има раст на БДП од 3,8 односно 3,6 отсто. Овие податоци се анализирани и од Одделот за макроекономска анализа на Хрватската стопанска комора во која се констатира забрзан раст на бугарската економија од 2008 година, со просечна годишна стапка од 1,9 отсто, со тоа што Бугарија имаше само една година рецесија и беше шеста меѓу членките на ЕУ со највисок просечен годишен раст од 2008 до 2017 година. Во истиот период, Хрватска имала негативен просечен раст од -0,2 отсто и беше прва од земјите со најслаби економии во ЕУ и единствена членка од земјите во транзиција што имала негативен просечен раст.

Развиеноста на Бугарија во 2008 година била со 67 отсто од просечната развиеност на заедницата, а сега е со 70 отсто. Развиеноста на Хрватска во овој период опаднала од 98 на 85 отсто од просечната развиеност на земјите од десет земји во транзиција. Бугарија денеска во споредба со 2008 година создава 13,5 отсто повисок БДП, а Хрватска 4,1 отсто помал. Вредноста на извезените производи од Бугарија е повисока за трипати од вредноста што се остварува при извозот на услуги, што е спротивно од Хрватска, која има повисок извоз на услуги од вредноста на извозот на стоки.

Ова покажува дека бугарското стопанство повеќе е ориентирано на извозот од хрватското, чиј извоз освен што е понизок се темели главно на туристичките услуги, предупредуваат во ХСК. Разликата меѓу структурата на двете стопанства е видлива и во распределбата на дејностите што ја создаваат бруто-додадената вредност. Бугарија ѝ дава поголемо значење на индустријата, а Хрватска на групата услуги, кои ја чинат трговијата, превозот, сместувањето и угостителството.

За седум години уделот на индустријата во Бугарија е зголемен за 3,9 структурни бода, односно на 24,1 отсто, додека во Хрватска овој удел се зголемил за 0,6 структурни бода, односно на 20,7 отсто. Меѓутоа, за 2,9 структурни бода е зголемен уделот на трговијата, превозот и туризмот, односно на 23,1 отсто. Хрватска, според глобалниот индекс на конкурентност и индексот на „Дуинг бизнис“, е најнеконкурентна од сите десет транзициски земји-членки на ЕУ. Ако остане оваа состојба, Бугарија може на среден рок да ја остави Хрватска на последното место во Унијата, прогнозираат во ХСК. Според индексот на водење на бизнис, Бугарија е на 50-то место и за едно место подобра од Хрватска, која е повторно последна во групата десет транзициски земји.