Бугарите, Србите и Грците – неканети гости

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (7)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Да видиме што вели и што пишува Крсте Петков Мисирков во декември 1903 година: „Јас сум Македонец и интересите на мојата татковина се вакви: не Русија и Австро-Унгарија се непријатели на Македонија, туку Бугарија, Грција и Србија. Само енергична борба со тие три држави ќе ја избави од погубување нашата татковина… Досега нашиот народ се интересирал повеќе само за политичка автономија, а во националните наши интереси допуштал башибозучки да му се бркаат разни неканети гости, како: Бугари, Грци и Срби. По политичката борба доаѓа националната, и тука имаме работа со борба за слобода, со борба со мрачни сили што не дозволуваат на нашата татковина самата со свои очи да гледа на своите интереси“.

„Задачата на македонската интелигенција од сега натаму ќе треба да биде да се одделат нагледно за сите: и за самите Македонци, и за Турција, и за балканските држави, и за големите сили, интересите на Македонците од интересите на другите балкански држави и народи. И да се проучат подробно сите прашања поврзани со избавувањето на нашиот народ и нашата татковина од сегашната голема беда, и со процутот на нашиот народ во духовен и материјален однос… Треба да организира свои македонски собири на кои ќе се разгледуваат и решаваат прашањата за духовно и национално процветување на Македонците. Македонската интелигенција кога е надвор од својата официјална работа, треба да зборува меѓу себе на народно македонско наречје (велешко-прилепско-битолско-охридско) што ќе треба да го воведат во сите црковни и национални пропагандни училишта, како задолжителен предмет. Тоа наречје има да биди литературен јазик на Македонците.

И така прво нешто што е потребно, обединување на интелигенцијата како во самата Македонија така и зад границите, заедничко обсудување на општите интереси на Македонците, воспитување на македонските Словени во македонски национален дух, задолжително учење на македонскиот јазик и книжевност во средните училишта во градовите со словенско население, образование во селските училишта со словенско население на македонски јазик… Еден од најглавните долгови на македонската интелигенција е да се отстранат еднаш за секогаш од Македонија бугарската и српската пропаганда, да се основа во Македонија свој духовен центар за Македонците.

Тој центар, како и самите Македонци да немаат никакво земање давање со соседните балкански држави и народи. Сега ние веќе не можеме да гледаме на себе и на својот народ како на еден млад народ, без политички опит. Ние веќе поминавме во својот историски развиток важен стадиум, што може да претставува епоха во историјата на било кој народ. А новата епоха ни налага нова потреба од културен развиток…“
Клјашев, Пандо (до Павел Христов) 1904 година: „Секој треба добро да сфати еднаш за секогаш дека не е кнезот Фердинанд тој кој на чело на неговата армија ќе нѐ ослободи. Ако има уште некој кој мисли така, тој значи е слеп и по нашето несреќно блиско минато, или подобро кажано, тој е глуп. Ние треба да се поставиме на самостојна можна почва и да одиме пред која и да е влада, бугарска или српска или која било друга, а не да ползиме по нив. Со други зборови владите да ползат по нас, да ги запреме да ни се пробиваат“.

Груев, Дамјан, април, 1903 година: (на Света Симиќ, српски дипломатски претставник во Софија за српскобугарските договарања за Македонија): „Ако има некој во Бугарија кој сонува за проширување на сметка на Македонија, тоа може да биде само кнезот Фердинанд. Затоа нам, на македонските револуционери, не им се потребни никакви гаранции од страна на Бугарите, но ниту пак им се потребни такви од страна на Србите. Да се постигне вашата спогодба со Бугарите, а да се прекине секоја натамошна националистичка пропаганда и да се запрат денешните непријателства помеѓу српските, бугарските и македонските чети Србија и Бугарија, во тој случај, би имале да ја признаат Внатрешната организација, надвор од која други не можат самостојно да постојат, а во неа ги примаме сите со еднакви права… Без наша согласност никаква ваша спогодба, доколку се однесува на Македонија, не може да има вредност“. Во 1905 година на тајна средба со рускиот дипломатски претставник во Софија Лермонтов Даме Груев кажал: „Внатрешната македонска организација дејствува наполно самостојно и, оставувајќи си ја девизата ’Македонија на Македонците‘, не само што не зависи од бугарската влада, туку речиси непријателски се однесува спрема истата, несакајќи со ништо судбината на Македонија да им се потчини на интересите на Кнежевството“.

Во 1906 година, во интервју на соработник на единбуршкото списание „Блеквудс магазин“, кој престојувал во Македонија, објавено под наслов „Една подземна Република“, Даме изјавил: „Организацијата го претставува административниот механизам на една подземна Република којашто се градеше за заштита од турската тиранија. Регуларните чети се полициски сили на оваа Република ги извршуваат повелбите на цивилните судови. Во секое село има локален суд. Потоа ние имаме движечки судови коишто ја обиколуваат земјата и одлучуваат за споровите помеѓу лицата под различна јурисдикција, што ќе рече помеѓу меѓу луѓе од разни села. Месните комитети ги претставуваат цивилните локални влади, а зад нив се наоѓаат силите на четите. Локалните комитети ги избираат селаните. Тие не ја злоупотребуваат нивната доверба…“

На прашањето за бугарската пропаганда одговара: „Ако постои грчка и српска, зошто да не може да постои и бугарска пропаганда? – таа постои. Има бугарски политичари кои не се поголеми наши пријатели од Грците. Под имињата на мошне познати шефови, тие се обидуваат да испраќаат чети во Македонија да агитираат за анексионистичката идеја… Тука има место само за една организација, а тоа е народната организација. Ниту Цончев, ни Сарафов не се избрани од народот иако тие се обидуваат да преминат ваму, да присвојат самоволна сила со оружје. Ние кои го претставуваме народот мораме да ги пресретнеме нив со иста сила што тие е применуваат против нас“.

Сандански, Јане, октомври, 1907 година: (советување на раководители од Серскиот округ и други интелектуалци меѓу кои и Димо Хаџи Димов): „Сите кои агитираат во Македонија и надвор од неа за ослободување и обединување на Бугарите, од Организацијата треба да се пресретнуваат како што се пресретнуваат српските и грчките агитациски чети. (Ќе) работиме на будење на масите дека се самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и треба да се борат за извојување на своја слобода без туѓа помош. Затоа што тие кои би дошле да ги ослободуваат ќе дојдат да ги поробат“.

Герџиков, Михаил (припадник на МРО, на распитот во обвинителството по убиството на Сарафов и Гарванов: „Јас не се чувствувам ниту Бугарин, ниту Србин, јас сум Македонец“.
Наумов, Павле (до селаните од селото Тополчани), јануари, 1907 година: „Многу арно знаете, браќа, дека во Тополчани нема Срби, нема Грци, ниту пак Бугари. Ние сме Македонци… Значи, какви сме од старина, тоа сме и денес. Според тоа не сме ни Срби, ни Бугари, ни Грци“.