Бугарите се со најнизок просечен раст во Европа, а главните фактори за тоа се генетски и социјални, изјави Рачо Стоев, раководител на Одделот за антропологија и анатомија при Бугарската академија на науките, во утринската програма на Бугарската национална телевизија.

Тој направи споредба со населението на Србија, кое бележи поголем среден раст на луѓето, иако социјалните фактори се слични на оние во Бугарија.

Најраните податоци за просечниот раст на населението во Бугарија се наоѓаат на остатоци од коските. До 2-3 век населението на бугарските територии беше малку повисоко од просекот од тоа време. Антрополошките истражувања започнаа во почетокот на 20 век, објаснува професорот Стоев.

Во раниот среден век населението се намалува поради епидемијата од чума, што се одразува на поголемиот пристап до храна. Затоа не само во Бугарија, туку и во цела Европа, просечниот раст на населението се зголемува. Во османлискиот период Бугарите биле со низок раст, а просечната висина им била 166 сантиметри, што е во согласност со тогашниот европски просек.

Како резултат на кризата во периодот по 80-тите години од минатиот век, просечниот раст во Бугарија се намалува за околу еден сантиметар. Истата појава се забележува во цела Источна Европа, објаснува антропологот Стоев.

Најниските вредности за растот на луѓето во Бугарија се постигнати кај родените во 1996 и 1997 година. Ова заостанување во растот е поради лошите услови за време на т.н. Виденова зима.