Што е со меѓународните норми во врска со употребата на вооружена сила од страна на една нација против друга? Овие норми се многу релевантни, а во нив е одговорноста за многу повеќе смрт и уништување од сѐ друго што вклучува „инцидентот“ со употребата на хемиското оружје во Сирија. Според повелбата на ОН, вонграничната употреба на воена сила е легална само во случај на самоодбрана или овластување од Советот за безбедност. А оваа ракетна кампања не спаѓа ниту во еден од овие два случаи. Некој повторно „брише патос“ со нормите на меѓународното право

Ракетниот напад врз Сирија, како одговор на оној наводниот хемиски, ги обнови старите дилеми за тоа како, каде, кога и во која мера се употребуваат воените средства и методи за решавање конфликти. За претседателот на САД, Доналд Трамп, и за неговата администрација се процени дека Сирија беше добра можност да го следи својот водечки принцип (да дејствува во функција на националните интереси на САД (?!) игнорирајќи ги принципите на меѓународното право!). Во својот политички курс, Трамп токму во Сирија најде таква можност. За голем дел од редовните критичари на Трамп, нивната поддршка на нападот е шанса да се покаже цврстина. Но, од друга страна, нападот исто така даде шанса за Асад пред светот да се издигне, да изгледа храбро и спокојно, соочен со најсовременото оружје што може да го искористат против него западните сили.

Овој пат големите западни воени сили, наместо уште еден едностран чекор на САД, кој би предизвикал низа тешки негативни реакции во светот насочени само кон Америка, операцијата ја изведоа во соработка со Велика Британија и со Франција. (Одговорноста на тој начин беше „поделена со три“. Но, сепак, учеството на Британија и на Франција не е баш некаква гаранција за мудрост во справувањето со безбедносните предизвици на Блискиот Исток. Да се присетиме малку на резултатот од интервенцијата во Либија во 2011-та, или, враќајќи се уште поназад, британско-француско-израелската несреќна авантура на Суец во 1956-та.)

Во секој случај, ракетниот напад беше надвор од меѓународноправните норми. Тој беше замислен за да покаже мускули, но така програмиран за да се избегне директен судир со уште една голема сила – Русија. Имајќи го предвид растечкиот ризик дека Трамп, кој дома е политички конфузен, сега бескомпромисно сака да го набилда својот рејтинг преку надворешната политика и „опасно ќе се коцка надвор од границите на САД“.

И сега, по декларираното запирање на воената кампања, на граѓаните на целиот свет можеби им олесни, бидејќи кампањата не се претвори во конфликт и не се прошири на глобално ниво. Но затоа, пак, меѓународното право доживеа ерозија и беше спуштено на најниското можно ниво.
А што точно се случуваше таму (во Сирија), и сега и пред извесно време? Имено, главната декларирана цел на нападот беше „да се поддржи меѓународната забрана за хемиско оружје“ и казнување на режимот на Асад, како начин да се одврати од секое идно користење хемиски агенси (?!). Сепак, очигледен факт во поновата историја на сириската војна е дека пред една година администрацијата на Трамп истрела плотун од крстосувачки проектили поради истата божемна причина, но тој напад евидентно не успеа да го заплаши Асад. Администрацијата нагласува дека новиов напад, во кој беа користени 105 проектили, е пообемен од оној претходниот, кој користел само 59.

Значи, 46 дополнителни проектили би требало да направат голема разлика за тоа дали ќе се одврати или не Асад „од употребата на хемиското оружје“ за да ја „поврати контролата над сопствената територија“? Како одговор на еден поранешен инцидент со хемиско оружје, администрацијата на Обама соработуваше со Русија во отстранувањето на голем дел од сириските резерви на хемиско оружје. Без оглед на последователните критики за преминување на црвената линија, овој одговор беше проследен со прекин на какво било користење хемиско оружје од страна на сирискиот режим, прекин што траеше подолго од оној од пред една година. Креаторите на последниов напад тврдат дека уништија многу сириски можности, а воедно го разубедија Асад, имајќи на ум дека уништените цели најверојатно биле капацитети поврзани со хемиско оружје. Како и да е, чудна работа во врска со ова тврдење е дека најверодостојниот доказ за употреба на хемиски агенси (во градот Дума) се однесува на хлорот, кој е вообичаена супстанција за голем број безопасни намени. Забранета е само употребата на хлор за воени цели, а не и негово производство или поседување. Другите извештаи што сугерираат дека нервните агенси – кои се целосно забранети – можеле да бидат користени во Дума, се многу кревки.

Но ракетниот напад продолжи пред да можат истражителите на Организацијата за забрана на хемиско оружје да го посетат местото, на кое ќе собереа докази што конечно ќе ја решеа дилемата.
Е сега, што се однесува до поддршката на меѓународните норми против војувањето со хемиски средства, со право може да се расправа дали ракетниот напад беше во согласност со тие цели, без разлика на резултатот од заплашувањето на Асад. Но што е со меѓународните норми во врска со употребата на вооружена сила од страна на една нација против друга? Овие норми се релевантни за многу повеќе смрт и уништување од сѐ друго што вклучува хемиско оружје. Според повелбата на ОН, вонграничната употреба на воена сила е легална само во случај на самоодбрана или овластување од Советот за безбедност. А оваа ракетна кампања не спаѓа ниту во еден од овие два случаи.

Што се однесува до страдањата на граѓаните на Сирија, тешко е да се утврди на кој начин нападот би имал некојси значителен смирувачки ефект. Дури и да се фокусираме само на акциите на сирискиот режим, наместо на оние на другите учесници во граѓанската војна, многукратно повеќе жртви и болка се нанесени од конвенционална одошто од хемиска муниција. Ако режимот на Асад сака да им нанесе страдање на луѓето од соседните држави, веќе докажа дека е способен за тоа и без прибегнување кон неконвенционално (хемиско) оружје.
Последниот пресврт во Сирија беше шанса за критичарите на администрацијата на Трамп во САД повторно да го осудат отсуството. И тоа не дека ги крши меѓународноправните норми и меѓународното право воопшто, туку за „отсуството на американска стратегија во однос на Сирија“. Од гледна точка на американскиот граѓанин (гласач), и овој пристап е сосема легитимен. Но игнорирањето на меѓународното право од страна на Трамп е многу поголем преседан. Точно е дека секој внимателен набљудувач на Трамп би бил ставен на мака ако треба да распознае пристап што е доволно јасен и издржан за да биде достоен за името „стратегија“, но газењето на меѓународното воено право и глумењето светски полицаец е уште покатастрофално.

Аналитичарите што веруваат дека секоја напната ситуација во странство мора да има американски ориентирано решение малку потешко го прифаќаат погоре кажаново. Но реалноста или, уште попрецизно, легалитетот за кампањата е на сосема друга страна. Со оваа интервенција уште еднаш директно се поткопаа темелите на меѓународното право. И тоа од оние што најмногу треба да водат сметка на исполнување на нормите и правилата со кои се регулираат односите во меѓународната заедница. Затоа што ако се уништат и тие меѓународни правила, тогаш, сакале или не, наскоро ќе се доведеме до ситуација на една глобална анархија, во која нема да има победници и победени. Или, пак, можеби оние посилните веќе се подготвени за глобалистичка хегемонија? 


Сведоци од Дума тврдат дека немало хемиски напад

Меѓународни инспектори ја посетија болницата во Дума, од каде што на почетокот на месецот пристигнаа драматични снимки од граѓани на кои им се укажува прва помош со млазови вода по хемискиот напад. Разговараа со лекарите, болничарите и со жителите.
– Чадот или прашината ја активирале акутната астма. Ги негувавме пациентите поради акутна астма и немаа ниту еден симптом од труење со хемикалии – тврди Малик ел Нажар, лекар од болницата во Дума.
Болничарот Јасар Адави од Дума наведува дека сѐ било полно со прашина за време на воените дејства и имало многу ранети.
– Потоа дојдоа некои луѓе однадвор, веројатно бели шлемови, со гас-маски, и почнаа да викаат дека само што се случил хемиски напад. Тие почнаа да се прскаат со вода, а пациентите се испаничија, па почнаа да се полеваат со вода и себеси и своите деца. Ние не можевме да го контролираме – објаснува Јасар Адави.
Граѓаните зборуваат за повеќемесечната опсада, за жртвите по размената на артилериски оган, но никој не видел ниту еден напад со хемиско оружје.
– Ние се познаваме сите, живееме заедно. Никој од нас не бил нападнат со бојни отрови. Сето тоа го приготвиле оние бели шлемови и бунтовниците, тие ни ја уништија земјата – вели еден граѓанин на Дума.