Најновото истражување покажува дека повеќето изборни општини во Англија, Шкотска и Велс сега имаат мнозинство гласачи што сакаат земјата да остане дел од Европската Унија, пренесуваат британските медиуми

Повеќе од сто изборни општини во Британија, кои го поддржаа брегзит на референдумот во 2016 година, сега би гласале за останување на земјата во Европската Унија. Резултатите од најновите истражувања покажуваат дека повеќето општини во Англија, Шкотска и Велс сега имаат мнозинство гласачи што сакаат да останат во ЕУ. Анализата што ја објави „Обсервер“ сугерира дека ваквиот развој на настаните е поттикнат од сѐ поголемите сомнежи во исправноста на брегзит, а особено помеѓу лабуристичките гласачи во северна Англија и Велс.

Истражувањето, како што оценува „Стандард“, дополнително ќе го зголеми притисокот врз лидерот на лабуристите Џереми Корбин, да го преиспита одбивањето на Лабуристичката партија да даде поддршка за втор референдум за членството на Британија во Унијата. Иако анкетите редовно покажуваат силна поддршка за останување на Британија во ЕУ помеѓу лабуристичките гласачи, мнозинството изборни општини на партијата го поддржаа брегзит во 2016 година, оставајќи ги партиските стратези загрижени дека исходот од новиот референдум ќе биде спротивен од гласањето пред две години.

Истражувањето го спроведе аналитичката компанија „Фокалдата“, користејќи ги податоците од две анкети на ЈуГов, со кои беа опфатени над 15.000 испитаници. Па, така, според анализата на „Фокалдата“, 112 од 632 изборни општини во Англија, Шкотска и Велс по референдумот ја промениле позицијата од поддржувачи на брегзит во поддржувачи на британското членство во ЕУ. Станува збор за 97 општини во Англија, 14 во Велс и една во Шкотска. Моделот на „Фокалдата“ покажува дека 341 општина сега имаат мнозинство гласачи што го поддржуваат останувањето на земјата во Унијата, во споредба со 229 општини во 2016 година.

Анализата, која е спроведена за кампањата „Најдобро за Британија“ за втор референдум и за кампањата против расизмот „Надеж, не омраза“, покажува дека сега 53 отсто од гласачите се против брегзит, додека, пак, 47 проценти го поддржуваат излегувањето на земјата од ЕУ. Лидерот на либералдемократите, Винс Кејбл, порача дека, без разлика дали некој гласал „за“ или „против“ брегзит во 2016 година, сега речиси сите се разочарани од хаосот што конзервативците го направиле од процесот за брегзит.

– Истражувањето е уште еден цврст доказ дека на британскиот народ мора да му се овозможи да го има последниот збор за договорот за брегзит. Слабите аргументи против изјаснувањето на народот исчезнуваат со секој поминат ден. Противниците на брегзит мора заедно да работат како тим, настрана партиските поделби, во обидот за втор референдум за ЕУ – истакна Кејбл.

Лидерот на либералдемократите посочи дека сега е јасно оти „центарот на рамнотежа“ за брегзит се движи во полза на национален референдум за конечниот договор. Според него, по победата на таборот за брегзит во 2016 година, ситуацијата многу е изменета, а и фактите се изменети.

– Ни кажаа дека британската влада ќе заштеди огромни суми пари. Сега знаеме дека тоа нема да се случи, треба да се платат 40 милијарди фунти за излегувањето, економијата забавува и сѐ помалку пари има за здравствениот систем. Ни кажаа дека ќе биде лесно, а всушност се покажува дека е неверојатно комплицирано – заклучи Кејбл.

Од друга страна, пратеникот од редовите на конзервативците Џејкоб Риз-Мог, кој го поддржува брегзит, ја отфрла важноста на анкетите што покажуваат промена во поддршката за останување на Британија во Унијата.

– Повеќето од анкетите велеа дека гласачите ќе гласаат за останување во ЕУ во 2016 година, но кога луѓето излегоа на избирачките места, тие го поддржа брегзит. Гласовите што се важни се гласовите дадени на вистинските избори – порача Риз-Мог.