Брегзит – политички хорор-филм?

Дали изборот на Тереза Меј, како компромисно решение меѓу кампот за напуштање и кампот за останување меѓу конзервативците, го засади семето на неуспех на договорот за брегзит?

Тоа што се навестуваше, седмицава стана извесно, Парламентот на Велика Британија го отфрли договорот за брегзит, преговаран од Владата на Тереза Меј и ЕУ. И не само што го отфрли туку со разлика од 230 гласа, 202 „за“ и 432 „против“, е историски пораз, најголем пораз во сто години. На не повеќе од два месеца, од 29 март 2019 година, датумот за излез на Велика Британија од ЕУ, отфрлањето на брегзит-договорот отвора многу прашања во британската и европската политика и се заканува брегзитот да се претвори во политички хорор-филм, и за Британија и за ЕУ.

Пред да се погледнат опциите понатаму, како се стигна до оваа точка? Во јули 2016 година, во „Од играчка плачка“, пишував за причините за брегзитот, од структурните проблеми, миграцијата до колосалната неодговорност на политичките лидери. Тереза Меј е резултат на таа политичка неодговорност, пред сѐ на Дејвид Камерун и Борис Џонсон, и обид на Конзервативната партија да го спаси сопственото единство и себеси како партија од можно распаѓање. Дали изборот на Тереза Меј како компромисно решение меѓу таборот за напуштање и таборот за останување меѓу конзервативците го засади семето на неуспех на договорот за брегзит?

Брегзитот имаше две основни опции – брегзит без договор и Брегзит со договор, а оваа последната со две подопции, тврд брегзит и мек брегзит, каде што централни точки се единствениот пазар и царинската унија и Европскиот суд. Тереза Меј се одлучи за договор помеѓу тврд и мек брегзит. Политички би требало тоа да биде разумен компромис, во кој има елементи што ги бараат поборниците на мекиот брегзит и на оние што ги бараат поборниците на тврдиот брегзит. Но…, во длабоко поларизирана и поделена земја меѓу таборите за напуштање и за останување се чини дека барањето разумен компромис значи дека на крајот сите се толку незадоволни што се подготвени да го отфрлат компромисот и да ја исечат гранката на која седат. Така се случи историскиот пораз во британскиот парламент, кој на Тереза Меј ѝ го нанесоа поборниците и на тврдиот и на мекиот брегзит. Покрај гласовите на лабуристите, шкотските националисти и други помали партии, против планот на Тереза Меј гласаа и 118 пратеници на Конзервативната партија, поборници на тврд брегзит.

И на овој исход за гласањето за договорот за Брегзит, како и на исходот за самиот брегзит, од клучно значење е колосалната неодговорност на британските политичари. Во 2016 година тоа беше од Дејвид Камерун, кој предизборно го вети референдумот, за да ја обезбеди поддршката на евроскептиците и за да обезбеди уште една победа за конзервативците и уште еден премиерски мандат за себе; преку Борис Џонсон, кој се виде себеси како можен калиф наместо калифот, па и Тереза Меј, која внимателно се држеше во средината на двете страни, до лабуристот Џереми Корбин, чии блиски соработници ја саботирале лабуристичката кампања за останување! Тогаш Никола Стурџон, премиерката на Шкотска, состојбата на целосно отсуство на лидерство ја сумира во еден твит: „Премиерот и канцеларот што го предложија #EUref се кријат, оние што ја водеа кампањата за излез немаат план и опозицијата се распаѓа. Срамота!“

И сега, изборите, и дури не теснопартиски интереси туку лични интереси, клучно придонесоа за овој политички хорор-филм. Првата голема грешка ја направи Тереза Меј, која влезе во предвремени избори во 2017 година, поттикната од поволните анкети, во обид да го зацврсти своето лидерство меѓу конзервативците, и обезбеди нов премиерски мандат. Но анкетите не го предвидоа поместувањето на поборниците на таборот за останување, кои не гласаа за Конзервативната партија, за да ја казнат партијата за брегзитот. И така, наместо убедливо мнозинство, Тереза Меј остана без мнозинство и беше принудена на коалиција со ДУП, партија од Северна Ирска. Тоа, пак, го направи прашањето на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска едно од клучните брегзит-прашања и ја исклучи можноста за тврд брегзит, со кој би се воспоставила граница меѓу двете Ирски. Свој удел во политичката неодговорност има и Џереми Корбин, општо земено евроскептик, кој доколку во 2016 година не застана цврсто зад таборот за останување, сега кокетира со мекиот брегзит како начин на придобивање нови гласачи, а во рушењето на договорот за брегзит гледа можност за избори и негова победа.

Што може да се очекува понатаму, кои се опциите, посебно соочени со временскиот теснец со 29 март, датумот за излез? Владата има рок од три дена да предложи решение што понатаму, од излез од ЕУ без договор до барање политичко решение.

Тереза Меј може да побара одложување на датумот за излез и повторно преговарање во ЕУ, што неколкупати беше отфрлено како можност од ЕУ, а ниту Меј ќе се одлучеше за крахот, доколку имаше можност за повторно преговарање. Може да се одлучи за повторно гласање и надеж во чудо дека Парламентот ќе се премисли. Можно е да се предложи нов референдум, или пак да се свикаат предвремени избори, без разлика дали ќе бидат резултат на гласање недоверба на Владата, или пак самата Влада ќе одлучи да оди на избори. Но сите овие опции може да водат кон избегнување на хоророт на брегзит без договор само ако се одложи датумот за излез, сето друго е во границите на очекување чудо. Можеби, наместо очекување чудо, Велика Британија и ЕУ треба да имаат сериозно планирање на справувањето со брегзит без договор!

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк
@sklek #Брегзит #Brexit #ЕУ