Брегзит и мртвиот папагал на Монти Пајтон

Извештаите за малата чудна земја продолжуваат да пристигнуваат. На власт е тројна коалиција. Составена е од вообичаено октроирани, непознати сторители и од осумтемина амнестирани. Заедничка програма им се тендери и вработување роднини и швалерки. Во опозиција се математички прецизни политичари. Општественото уредување е амбасадорска џамахирија. Основна религија е идолопоклонство кон ЕУ и НАТО…

Македонија е река во моето срце. Кога сакам да го измијам лицето со нејзините бистри води, таа река извира од моите очи и јас плачам. Ете, со оваа слика пред очи што ми пушта солзи по образи, најчесто се будам откако започна насилната севернонацистичка окупација на Македонија. Но, тоа не трае долго. Безумноста на окупаторите не остава дупкава во срцето да остане исполнета само со болка. Нивниот апсурд, освен што ја силува реалноста, безобразно се обидува да ја истисне болката од срцето, па почнува да ја налева со своето перверзно сеприсуство. Честопати и успева. Тогаш умот, за да го спаси окупираното срце, го активира цинизмот како одбранбен механизам. И денот може да почне.

Британија во шок! Тоа се насловите на светските медиуми. Премиер на една малечка северна земја од Западен Балкан, на југ од Европа, источно од рајот, ја откри страшната вистина за брегзит. Велика Британија ја напушти Европската Унија за да ѝ отстапи место на малечката Северна Македонија. Британците се вчудовидени. Што ли е, по ѓаволите, Северна Македонија? Ете, тоа се прашуваат. Па се растрчуваат новинари, политичари, агенти на британските служби. Пискотници се слушаат од Бакингем до Даунинг стрит. Јавноста е на штрек. Сите сакаат да дознаат какво е тоа северно чудо заради кое Британија излезе од ЕУ.

Првичните извештаи почнуваат да пристигнуваат во британската престолнина. Политичарите во Северна Македонија најчесто се црпнати од нива. Носат железни опинци. Имаат чудни фантазии, сакаат да бидат камшикувани од ЕУ-бирократи. Хоби им се квантните скокови. Рекордот го држи премиерот. Изнесува три кубни квадратни метри. Извештаите за малата чудна земја продолжуваат да пристигнуваат. На власт е тројна коалиција. Составена е од вообичаено октроирани, непознати сторители и од осумтемина амнестирани. Заедничка програма им се тендери и вработување роднини и швалерки. Во опозиција се математички прецизни политичари. Општественото уредување е амбасадорска џамахирија. Основна религија е идолопоклонство кон ЕУ и НАТО. Главниот храм се наоѓа на некакваси градска тврдина Кале. Свештенството го сочинуваат невладини активисти. Се причестуваат со грантови. Директорите на државните институции имаат интересен ритуал. Мораат да седат во фотелји од телешки кожи додека сркаат телешка чорба за 50 денари. Здравството им е напредно. Пациентите со истечен рок на траење имаат право на избор да умрат ако сакаат. Северна Македонија е богата со лубриканти, тоа е главниот енергент. Лубрикантите се совршена замена за рускиот гас.

За разлика од другите светски армии, војниците во оваа мала земја имаат чизми. Тоа е единствената земја на светот каде што управата за државна безбедност е сместена во хотел „Мериот“. Нивната полиција има развиено оригинален систем за лов на криминалци. МВР дејствува по допрен глас на Фејсбук. Единствен проблем им се камионите „пајаци“. Судскиот систем го водат три специјални дами. Главен извор на информации се озборувања во телефонски разговори. Преку тие озборувања специјалните дами одлучуваат кој криминалец треба да добие амнестија, а кој тендер, како казна, зависно од тежината на делото. Просечната плата се движи помеѓу 500 и 800 евра зависно од тоа кој медиум објавува. Економијата на оваа балканска земја е во постојан раст. Тоа го покажува честото покачување плати на вицепремиерите, пратениците и другите владини функционери. Државата е двојазична. Официјални јазици се албанскиот и јазикот на политичката коректност. Во минатото се зборувало и на македонски јазик, но тој е прогласен за говор на омраза. Мнозинство се граѓаните на Северна Македонија од племето Јужни Словени. Повеќебројни од нив се само етничките Албанци. Елитата ја сочинува таканаречената каста „шарени“. Припаѓаат на ложата „граЏанство луѓенца“. Нивните „братства“, „сестринства“, „братства на сестри“, „сестринства на братства“, „братства сестри што се чувствуваат како полубраќа“ и „сестринства на браќа што сакаат да бидат посвоени од полусестрите, кои се чувствуваат како браќа меѓу себе“, го имаат главниот збор во социјалните, културолошките и урбаните текови на општествениот живот. Уметноста во оваа мала земја буквално цвета. Пејачите пеат химни за идолите ЕУ и НАТО. „НАТО фест“ и „Излези ЗА“ се големи музички фестивали. Кај сликарите популарен правец е „шарен презервативизам врз неокласицистички барок“.

Сепак, најпознат северен граѓанин од јужнословенското племе е научникот Зоќи Заев. Тој е добитник на Нобеловата награда за физика. Неговите истражувања на полето на теоретската физика, преку теоријата на Ајнштајн дека само вселената и глупоста се бесконечни и како таа да се докаже во практика ја родија Заевата теорема. Еве ја нејзината лингвистичко математичка формула: „Дури и кога прашуваме, дали сте излегле на референдумот, 67 отсто велат дека излегле, а излегоа 37 отсто“.
Единствениот проблем што го има оваа мала северна земја од Западен Балкан, во јужна Европа, источно од рајот, е проблемот со таканаречените „небањати Македонци“. Не, не се работи тука за хигиена. Овие „небањати“ одбиваат да прифатат перење на мозокот. Одбиваат да станат дел од елитата „шарени“. Резултатот на ова одбивање е застрашувачко. „Небањатите“ постојано имаат нешто чудно во главите. Кога не ти е испран мозокот тој создава работи што не постојат. Како промена на име, бришење идентитет, двојазичност. За разлика од „шарената“ елита, која ја има бетонирано празнотијата.

Сите овие пристигнати информации Британците внимателно ги разгледаа. Потоа донесоа заклучок. Па напишаа писмо до официјален Брисел. Еве го текстот на писмото: „Драга Европска Унијо! Еден краток период размислувавме сепак да останеме со вас. Ни беше жал да ве оставиме без хумор. Но, откако ја проучивме вашата идна членка на која ѝ го отстапуваме местото, а ќе биде дел од вас во 2035 година, не стравуваме повеќе. Нема да останете без хумор. Тие не се духовити како нас, ама смешни се, стомак да те заболи. Башка, нив можеш да ги убедиш дека ’мртвиот папагал‘ на Монти Пајтон, навистина само спие, а кога ќе се разбуди ќе им ја зајакне економијата, ќе им донесе инвестиции и ќе им ги покачи платите на 1.000 евра, само ако претходно си го сменат одењето со лазење, за нивно добро. Со среќа да си ги правите мајмуни! Ваш, Лондон!“