Сет (лево) и Стеф Кари

Тие настапуваат за Голден стејт и за Портланд, кои ќе играат во финалето на Западната конференција во НБА-лигата

Кошаркарите на Голден стејт вориорс и на Портланд трејлблејзерс ќе играат во финалето на Западната конференција во американската кошаркарска НБА-лига.

Портланд ја доби мајсторката против Денвер нагетс, 100-96, и во финалето на Западот ќе игра против бранителот на титулата, Голден стејт вориорс, кој го елиминира Хјустон рокитс. Овој дуел ќе биде интересен и поради тоа што меѓу себе ќе играат браќата Стеф Кари (Голден стејт) и Сет Кари (Портланд), седма таква двојка во историјата на лигата во разигрувањето, први во конференциско финале и први што ќе играат еден против друг, по Шпанците, Пау Гасол (Сан Антонио спарс) и Марк Гасол (Мемфис гризлис) во првата плејоф-рунда во 2017-та.

Нивните родители, таткото Дел, исто така поранешен истакнат НБА-кошаркар, и мајката Соња Кари, според американските медиуми, решиле да фрлаат паричка која ќе одлучи за тоа кој од нив кој дрес ќе го носи и за кој од синовите, односно тимовите ќе навива!

„Воините“ ќе ги играат последните мечеви во арената „Оракл“ во Оукленд, која е изградена во 1966 година (моментално е најстара арена во НБА) и во која настапуваа од сезоната 1971/1972. Тие наскоро, од 1 август, ќе се преселат во новата супермодерна арена т.н. „Чејс центар“ во Сан Франциско, чија изградба чинеше 1,4 милијарда долари!

Торонто репторс ја совлада Филаделфија сиксерс со 92-90 во седмиот полуфинален натпревар (вкупно 4-3) во Источната конференција. Најзаслужен за триумфот на Торонто беше Кавај Ленард, кој ги постигна победоносните поени, вкупно 41, на 4,2 секунди до крајот. Тој беше одличен на сите седум меча на кои постигна вкупно 243 коша, и е трет во таа категорија, зад Карим Абдул Џабар, 260 (во 1977-та), и Мајкл Џордан, со 246 (1993-та).

Противник на Торонто во конференциското финале, второ во клупската историја (по 2015/16-та), ќе му биде Милвоки бакс, најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната (60-22).