БоЈо и ЗоЗо

Неколку блиски пријатели ми рекоа дека конечно сме се разишле во мислењата по битно прашање. Имено, мојот став е поблизок од оние што велат дека во Британија е извршен своевиден „државен удар“. Одлуката на премиерот Борис Џонсон, поддржана од кралицата, да се суспендира парламентот среде национална криза, е преседан што предизвика шок. Се нижат историски паралели со настаните од 17 век и кралот Чарлс Први; се зборува за автократско самоволие на поединец што на избори не добил мандат да предводи влада и која има легитимациска база во само 0,02 отсто од гласачите и кој ја нема поддршката ни на својата партија во целост.

Во промптна реакција „Фајненшл тајмс“ укажа дека „доколку успее намерата на господинот Џонсон, Британија ќе го изгуби секое право да им држи лекции на другите земји за нивните демократски недостатоци.“ Впрочем, Британија (историски покоректно кажано, Англија), колепкатa на парламентарната демократија, иако во стварноста поинаква од митот, отсекогаш била симболично важна за многу земји, и тоа го користела со сите средства. Денес тоа е поделена, но и истоштена и агонизирана нација: од референдумот (во 2016 година) до денес е ни на небо ни на земја! Оној што ја запржи чорбата остави други да вадат жешки костени, а никој не знае како. На мнозина, БоЈо (како што го нарекуваат Џонсон) им заличи на Александар како го сече Гордиевиот јазол на неизвесноста. Каква илузија! Неизвесноста допрва доаѓа.

Разводот од ЕУ е ѓаволски тешка работа, со сериозни последици. Варуфакис тоа најдобро го опиша со метафората за хотелот „Калифорнија“ (од познатата песна), во кој можеш да се чекираш, но никогаш не можеш да се одјавиш. Лично, имав/имам мешани чувства околу брегзит: ЕУ е либерална (и само навидум беневолентна) империја (со „мека моќ“) и страда од хроничен демократски дефицит, кој се продлабочува; интересите на моќните доминираат над тие на слабите и сиромашните, а веќе се покажа дека е невозможно да се демократизира радикално однатре (Грција од 2015-та е најдобриот пример, но тука се и Португалија, Шпанија…). Сепак, жално е што еден облик на наднационално обединување (интернационализам?), кое има многу придобивки, не доведе до солидарност и јакнење на демократијата одоздола, ами ги обедини богатите. Позициите на т.н. Легзит (левата критика на ЕУ и заговарање напуштање на ЕУ заради создавање поадекватен контекст за социјална/класна битка и за народниот суверенитет сфатен како демократија) ми се чинат сосема легитимни. Проблемот е во лимбото, кое не може да трае до бескрај. Втората причина за неизвесноста лежи токму во атаката врз демократијата (каква-таква), односно судирот меѓу двата облика на демократија: непосредната (референдумот) и претставничката (парламентот). Да биде иронијата поголема, токму еден БоЈо има улога на народен трибун.

Илузиите за западната демократија одамна се загубени (освен кај нашите либерали слепци): таа е одличен систем кога на капиталот му оди добро, но при првиот знак на подлабока криза, маските паѓаат и доаѓа до развод меѓу демократијата и капитализмот! Во таа „брачна криза“ треба да се бараат и длабоките причини за брегзитот. Иако со тесно мнозинство (51,9 отсто, што е многу повеќе од оние неполни 37 отсто), народот изгласа напуштање на ЕУ со верба дека ќе живее подобро. Но тешко е да се поверува дека гласачите притоа дале дозвола за уривање на темелите на парламентаризмот, колку и да е тој само мит (единствена земја во која наследна аристократија сочинува еден дом во парламентот без избори, во кој седат врховни свештеници како во Иран, со кралско семејство што паразитира, со изборен систем што фаворизира само две партии, со огромни социјални разлики итн.) Некои велат: по Ирак и Асанж, како воопшто и да веруваш дека се демократија? Но Черчил сѐ уште е во право: подобар систем досега не е откриен. Тамошните реакции во политичката, граѓанската и медиумската арена, сепак, зборуваат за политичка култура за која не можеме ни да сонуваме. Демократијата – во американски или британски/европски стил – е во коматозна состојба, за што доказ се и карикатуралните ликови што испливуваат како лидери, артикулирајќи го гласот/незадоволството на народот, грабнувајќи ја шансата, без решенија, но со волја за моќ. (Во ваква констелација, дури и нашиот ЗоЗо се вклопува добро.) Народот ја изгуби довербата во институциите и бара радикални (и брзи) решенија (или казни), дури и кога се со бумеранг-ефект на подолг рок. (Додека ја следиме британската серија, во Германија големи шанси за победа на локалните избори во некои единици имаат партии со расистички и фашизоидни позиции.) Додека очекуваме разврска, на ум паѓаат опоменувачките реченици од книгата на Маргарет Атвуд, „Приказната на слугинката“: „Тоа се случи кога го суспендираа Уставот. Рекоа дека тоа е само привремено. Немаше никакви протести на улиците. Луѓето останаа дома вечерта, гледајќи ТВ, очекувајќи некакви насоки. Дури немаше ни непријател кон кој би се покажало со прст“. Оние што ја читале книгата или ја следат ТВ-серијата, знаат што следува по суспензија на уставот.
Во Македонија не смееш да размислуваш гласно за ниту една меѓународна тема, а да не те треснат по глава: што си се загрижил/а за нив таму (Сирија, бегалци, Амазонија, Британија), зарем си немаме доволно проблеми? Каква кусогледост, политички аутизам и локалпатриотизам, додека дома седат пред ТВ! Пресликувајќи ја (погрешно) нашата ситуација, се поделивме и околу британскиот референдум наспроти парламентот. Секој контекст е различен, но она што ги поврзува се правилата (какви и да се, колку и да се специфични), зошто тоа е владеење на правото!

Истрауматизирани, овде мнозина во БоЈо гледаат како на демократ што ја спроведува волјата на народот, а БоЈо е само британска верзија на ЗоЗо! Забораваат дека овде референдумот беше риалити шоу за демократски привид, ниту распишан, ниту спроведен во согласност со Уставот и законите. Вистинскиот погреб на демократијата се случи во Собранието, кога се уценуваше, поткупуваше, тргуваше со влијание и злоупотребуваше службената положба, односно кога низ нос ни се набија Преспанскиот и промената на Уставот. Немаше опозиција да го брани парламентот (ја бранеа ЕУ), седевме дома и гледавме ТВ. Автократијата дојде тивко, на прсти… Можеби затоа што уште пред да научиме што е парламентарна демократија, веќе дојде рамковната – а, од еден пазар до друг, лесно се минува – валутата е иста. Демократијата е првенствено процедура за носење одлуки, а кога таа е прекршена, демократијата е празна флоскула. Како со бременоста, процедурата не може да се крши „само малку“ (или со финти од типот „ќе донесеме закон на малку непопуларен начин“, како што предлагаат премиерот и министерката за правда). Не покажавме дека демократијата е доволно вредна за да се бориме за неа. Седевме дома и гледавме ТВ или Фејсбук. Кога ќе го суспендираш/прекршиш уставот, тогаш си им дал одврзани раце да прават што сакаат! Затоа оваа фарса со јавното обвинителство е сосема неважна за народ што си поплукал на сопствениот суверенитет.

Искрено, лута сум им на странските колеги, кои се сега вознемирени до небо, а до вчера му даваа „нобел“ на ЗоЗо. Зборуваат за важноста на народниот и уставниот суверенитет, БоЈо го споредуваат со Елцин, а нам лани ни советуваа клекнување на брашно пред управување на „балкански начин“, пред купување пратеници како на сточен пазар, пренесување на народниот суверенитет во грчкиот парламент. Оцрнувајќи нѐ како националисти, велеа дека жртвата е безначајна пред европската иднина. А сѐ што баравме беше да бидеме еднакви со нив: политичарите да одговараат пред нас (политички) и пред Уставот (правно), од нас да зависат решенијата на внатрешната (па и надворешната) политика, без странски притисоци, поткуп, коцкање на авантуристи „ал ин“ итн. Но и натаму седиме дома и гледаме на ТВ како среде влада премиер си подава рака со сомнителен тип во интерес на семејни зделки: Македонија ќе била „суперсила во одгледување марихуана“! Биг Мајк е новиот Субрата. Во оваа калакурница е тешко да се вознемириш, Уставот е суспендиран и тоа не нѐ вознемири. Иронично, Британија е земјата (заедно со САД и Германија) што одигра значајна улога во операцијата на дерогирањето на народниот суверенитет, како што секогаш постапувала со колонии. Форин офисот плаќаше пиар-фирми за референдумската јес-кампања, со фејк њуз и со оцрнување на сите опоненти. Тие што излегуваа оттаму, ни велеа дека ЕУ е поважна од демократијата. Сепак, никој што се смета за демократ (и особено левичар) не смее да се радува на налудничави политики и коцкарски потези на лидери како БоЈо и ЗоЗо. Ако ова помине во Британија, помислете каква поука ќе добие ЗоЗо?! Или некој иден кловн и неконтролиран авантурист Бозо…