Името на Република Македонија не смее да се стaва на референдумско изјаснување бидејќи: тоа е сопственост и идентитет на македонскиот народ; името е сржта на постоењето нa еден народ и држава; името не е политика за со него да се политизира, да се продава и со него да се уценува, за него се бореле и гинеле претходните генерации, со името живееме во времето и просторот, во минатото, сегашноста и иднината. Со тоа име ги создаваме духовните вредности и се споредуваме со другите народи. Малцинствата во Република Македонија имаат сопствен идентитет и недозволиво е, и неетички, тие да одлучуваат за македонскиот идентитет. Дали можат и дали смеат Македонците да одлучуваат за името и идентитетот на Албанците, Србите, Бугарите, Турците, Ромите… – не! Напротив, Македонците им овозможуваат јакнење на нивниот идентитет во Македонија и пошироко. Во Македонија, во таа смисла, се практикува и позитивна дискриминација по нивната идентитетска припадност.

Грците играат партија шах – жртвувај „ништо“ за да ја матираш втората страна, најверојатно, платена да ја изгуби партијата. Грците играат театарска претстава на лажен „губитник“ на „ништото“ во режија со НАТО, ЕУ и со САД, а владејачката структура на втората страна (Р. Македонија) тоа го сфаќа како победа над првата страна (Р. Грција) и наседнува во грчката стапица. Ова има доста сличност со Тројанската војна. Тогаш Троја била опседната 10 години, а Р. Македонија е опседната веќе 27 години. Тројанскиот коњ – денес е спогодбата од Нивици. Ако спогодбата, со поткуп, принуди и лаги се прифати на референдумот закажан на 30 септември 2018 година, македонската држава ќе биде прво однатре разурната заедно со македонскиот идентитет.

Во војна и со жртви ја создадовме македонската држава, а денес некои сакаaт да ни ја одземaт на зелена маса со потпишување капитулантска спогодба и неуставен и незаконски референдум. Името на Република Македонија не создаваше забуни ни со Грција, ни во светската комуникација. „Забуни“ се создаваа во Република Грција кога Република Македонија самостојно почна да ги проучува и бележи историските факти и културното наследство. Тие историски факти и културно наследство почнаа да се шират и потврдуваат и во афирмирани светски научни институции. Со тоа, и не само од нас, почна поинтензивното откривање на грчките историски лаги. Грција, со своите пријатели во Европа и во САД, сака да ја спречат во корен таквата појава со уништување на македонската држава и идентитет, да се создаде нова држава со друг идентитет – Република Северна Македонија и северномакедонци без историја, без културно наследство, без македонски јазик и други идентитетски одлики, како да сме дојдени од некоја северна држава недојдија и сега доселени на јужниот Балкан!!
Република Македонија потпиша Привремена спогодба со Република Грција со посредство на ОН и гарант на САД. Грција таа спогодба ниту ја ратификуваше, ниту ја почитуваше, но НАТО и САД не ја принудија да ја почитува таа спогодба и да ја прими Р. Македонија со привремената референца. Ниту Грција, ниту НАТО и САД, ниту членки на ЕУ не ја почитуваа ни хашката пресуда со која беше именувана Грција дека ја крши Привремената спогодба. Таа пресуда беше извонреден аргумент НАТО да ја прими во членство нашата држава. Не го стори тоа, како што ни ЕУ не одреди датум за почеток на преговори.

Наметнувањето на спогодбата од Нивици и нејзино прифаќање од оваа власт, значи победа на Грција во специјална војна што ја води со своите пријатели, против Р. Македонија. Тоа значи пораз на Р. Македонија без отпор во таква војна. Таквото предавство е казниво по нашиот устав! А каде е Уставниот суд да ги спречи ова антиуставно дело и предавство на државата? Уставниот суд, со своето недејствување, станува соучесник во предавството на државата. Уставниот суд, за жал, се поставува како орган на политичка партија, на оваа или порано на претходната власт, игнорирајќи ги многуте претставки упатени до него.?

д-р Драган Поповски