Новите видови облоги од боја ќе ги направат батериите поефикасни и ќе помогнат во забележувањето црни автомобили во мракот

Автомобилите стануваат сѐ пософистицирани и во поновите модели се забележува сѐ повеќе електроника. Со развојот на технологијата, во поновите модели се применуваат и пософистицирани технологии. Некои од нив се замаскирани и не се видливи со голо око. Но сепак имаат огромна улога во создавање на иднините генерации производи на автомобилската индустрија.

Добар пример е потегот на науката, која се впушта во развивање функционални облоги што би ги направиле батериите помали, побезбедни и поодржливи. Сличен пример е развивањето на технологијата, која би им помогнала на автомобилските сензори да ги забележат темните автомобили при слаба видливост и да им овозможи на сензорите да работат подобро во влажни и лоши временски услови.
„ППГ индустрии“ претставува индустриски гигант, кој е најголемиот производител на бои и облоги во светот, истовремено тој ја произведува и бојата што се користи за боење на автомобилите. „ППГ индустрии“ предвидува намалување на пазарот на бои за автомобили, бидејќи како што се придвижуваме кон иднината на автономното возење автомобили, патишта ќе бидат побезбедни, а тоа ќе доведе до помалку сообраќајни несреќи. Ова значи дека ќе се намалат бројот на оштетени возила, поправките и пребојувањето на автомобилите. Овој заклучок предизвика развивање нови идеи за пренамена на бојата или поточно за користењето на облогите, наместо класичната боја.

Боите во автомобилската индустрија се користат и како заштитни облоги врз батериите. Две идеи досега се насочени кон подобрување на ќелиите на литиум-јонските батерии, чија клучна компонента се хемиски сврзувачи што се користат во производството на електроди. Сврзувачот што се користи за секоја катода во литиум-јонската батерија содржи отровен растворувач. Во согласност со европските регулативи, тој е повлечен од употреба, така што ППГ разви одржлива неотровна замена. Ова е економски исплатливо затоа што површината потребна за премачкување на батеријата е 10 пати поголема за разлика од премачкување на површината на школката на автомобилот. Вториот материјал е паметната огноотпорна облога. Батериите во електричните автомобили во моментот се заштитени со густ, огноотпорен материјал што ги прави поголеми и потешки. Новата обвивка ќе го замени овој дебел материјал со новата огноотпорна облога. Новиот материјал, поточно обвивката со боја е потенка и ќе може да се нанесе на надворешниот или внатрешниот дел на батеријата. Во одредени случаи, високи температури или надворешни фактори можат да предизвикаат внатрешен пожар или експлозија во батеријата. Новата облога може да се прошири како сунѓер за 50 пати, формирајќи изолациски слој. Во тестовите за издржливост на оган, алуминиумскиот лим реагира на топлината по 30 секунди, додека, пак, заштитен со новиот материјал тој останува недопрен по три минути. Доколку настане ваква ситуација при несреќа, тоа им дава време на патниците од автомобилот да излезат од автомобилот.

Лидар-системите исто така се насочени кон користење на новата технологија на облоги од бои. Овој систем го мери растојанието до целта со осветлување на целта со ласерска светлина и мерење на рефлектираната светлина со сензор. Една работа што лидар-сензорите не можат да забележат се навистина темните бои, особено црната боја. Црната боја не рефлектира доволно светлина назад до лидар-скенерот за да може системот да го регистрира објектот на патот, особено во лоша видливост. Околу 20 отсто од автомобилите во светот се црни, така што ќе има проблем доколку „лидар“ стане широко прифатен за автономни автомобили. Ласерската светлина е класифицирана како блиска до инфрацрвената, така што ППГ развива инфрацрвена транспарентна обоена обвивка. Грубо преведено, ова значи дека новата црна облога на телото на автомобилот ќе ѝ овозможи на ласерската светлина да помине низ неа и да ја рефлектира бојата што се наоѓа под неа назад. Овој новитет има позитивен резултат, системот може да гледа преку црната облога на автомобилот, а со голо око таа не може да се забележи.