Од поднесените пријави за нелегална сеча во Република Српска се решени само два отсто од предметите

Босна и Херцеговина е европски рекордер според нелегалната сеча на дрва. Секоја година во оваа земја бесправно се сечат десетина илјади кубни метри шумска дрвна маса, која вреди неколку милиони конвертибилни марки. Посебен проблем претставува тоа што недостига законска регулатива со што судовите санкционираат мал број од дрвокрадците против кои се поднесени пријави. Занемарлив е и износот на штетата што се наплатува од нелегалните сечачи и трговци на дрва за огрев и преработка, се наведува во прилогот на БХРТ.

Јавното претпријатие „Шуми на РС“ засилено работи на сузбивање на нелегалните активности во шумската дејност, но во првата половина од годинава нелегално се исечени шест илјади кубици дрва вредни над 800 илјади марки. За првите шест месеци имало 90 случаи на приведени дрвокрадци.
Од јавното претпријатие апелираат до судовите на сторителите на бесправна сеча да им се изрекуваат поостри казни. Но проблемот настанува затоа што на рочиштата изјавите на чуварите немаат правна сила, затоа што тие не се овластени службени лица. Така, од 894 поднесени пријави во првата половина од 2019 година се решени само два отсто.

– Во Законот за шуми е предвидено во текот на извршувањето на работата чуварот на шумите да носи службена униформа, службена легитимација и службено оружје. Во овој закон се наведени и задолженијата, но не им е даден и статусот на овластено лице, што во најголем дел би придонело за поефикасна борба против дрвокрадците – велат од ЈП „Шуми на РС“.
Од ресорното министерство порачуваат дека во најскоро време овој проблем ќе биде решен. Новите измени на законот ќе ги направи и поодговорни, а ќе им се осигури и квалитетна заштита.

– Во тек се измените и дополнувањата на Законот за шуми и ова прашање ќе биде разгледано – изјави Горан Зубиќ, помошник-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Српска.
Познавачите на состојбите во овој сектор велат дека казнената политика за овие дела е преблага. Законот за бесправна сеча ги казнува физичките лица со 300 до 900 марки, а правните лица со три до девет илјади КМ. Со ваквите казни дрвокрадците се стимулираат да продолжат со својата илегална дејност.

– Со дрвокрадството се намалува количеството на дрвата што јавното претпријатие може да го пласира на пазарот. Вториот проблем е што генерално се подигнува нивото на корупцијата во самото јавно претпријатие. Често има поврзаност меѓу дрвокрадците и вработените лица во ЈП – вели Дане Марчета, од Шумарскиот факултет во Бања Лука.