Борусија го совлада Баерн во дербито, со 3-2, и втор пат во историјата на Бундес-лигата е без пораз по првите 11 кола (осум победи, три ремија)

Борусија Дортмунд триумфира над Баерн со 3-2 во големото германско дерби „Дер класикер“, во 11-то коло, во Бундес-лигата, по што остана на лидерската позиција со 27 бода, четири повеќе од Борусија Менхенгладбах, односно седум повеќе од Баерн, шампионот во последните шест години. Вторпат во историјата на Бундес-лигата, Борусија е без пораз по првите 11 кола (осум победи, три ремија), претходно во сезоната 2002/2003, кога првиот пораз го претрпе на 12-от меч.

Марко Ројс, стрелецот на двата гола против Баварците, има дадено осум на првите 11 натпревари (претходно седум во 2015/2016). Пако Алкасер, стрелецот на победоносниот, трет погодок, исто така има дадено осум гола и не е чудно што Борусија сака заемот од Барселона да го замени за повеќегодишен договор.

Борусија е вистински фудбалски есенски хит во Европа, не сметајте на Јувентус, Манчестер сити и другите, тој е највозбудливиот тим, кој постигнува три гола во просек по натпревар. Германците велат дека три работи во животот се сигурни: смртта, даноците и Борусија Д., која постигнува голови во второто полувреме!

Избраниците на тренерот Лусиен Фавр сезонава одиграа 16 средби, а на 13 од нив даваа гол и повеќе во вторите 45 минути. Во Бундес-лигата просекот им е три гола, но и во Лигата на шампионите (ЛШ) оставија силен впечаток, каде што на четирите меча дадоа осум гола. Против Бриж во првиот меч победија со минимални 1-0, но потоа ги растурија Монако (3-0) и Атлетико (4-0). Особено беше изненаден Атлетико, чија одбрана, наводно, е една од најдобрите во Европа, а Диего Симеоне го доживеа најтешкиот пораз на тренерската клупа за време на седумгодишниот мандат.

Само ПСЖ е поефикасен од Борусија во петте најдобри лиги во Европа сезонава, но тоа и се очекува од тим за кој играат Нејмар и Килијан Мбапе, а во Лига 1 има дадено 41 гол. Манчестер сити и Јувентус ги имаат Серхио Агуеро и Кристијано Роналдо, кои редовно даваат голови, но за Борусија голови даваат сите. Тактичките измени што ги прави Фавр, како и инструкциите, значат дека 14 различни играчи постигнале првенствени погодоци за Борусија сезонава, или 18 гола постигнале резервистите во сите конкуренции, 10 повеќе од кој било тим во петте најевропски лиги.

За разлика од претходниот тренер Петер Стогер, кој играта на тимот ја градеше почнувајќи од одбраната, Фавр се фокусира на постигнување повеќе голови. Фавр троши многу време со своите играчи поединечно, давајќи им совети за тоа како да ги искористат слабостите на противниците, работи на подобрување на нивната игра и, што е најважно, драстично ја подобри атмосферата во тимот, тоа што недостигаше во времето на претходните двајца тренери.

– Лусиен Фавр има нов план за секој дуел и секогаш е добар. За играчот секогаш е корисно да се има добар план – вели Марко Ројс.

Во 2012 година, Ројс се раздели од Фавр кога си замина од Борусија Менхенгладбах, а во една пригода за швајцарскиот тренер изјави дека тој е личноста од која најмногу научил во кариерата. Шест години подоцна, тие повторно се обединија, но Ројс сѐ уште учи и се подобрува заедно со помладите соиграчи. Англичанецот Џејдон Санчо (18) и Данецот Јакоб Брун Ларсен (20) најверојатно немаше да добијат шанса редовно да играат во некој од поголемите клубови во Европа, но ја добија во Борусија и блескаат есенва.