Фото: Маја Јаневска-Илиева

Феноменот на „бомбите“ во македонското општество е само видлива манифестација на вирусот на корупцијата, непотизмот и клиентелизмот кај политичарите. Бомбите
се своевидно вадење сипаници, кога ќе созрее вирусот. Кога конечно ќе заврши фрлањето „бомби“, потребата од специјални правни инструменти, креативното толкување на правото?

Објавувањето на неовластено снимените материјали, кои во македонската јавност го добија популарното име „бомби“, уште во 2015 година, од денешна перспектива претставува почеток на пресвртни политички процеси во Македонија, за кои сѐ уште не може да се каже дали се завршени ниту, пак, каков е нивниот ефект. Во секој случај, т.н. бомби освен што беа причина за политички акции и реакции, предизвикаа и преструктурирање на правниот систем во земјава, преку создавање нови институции, како Специјалното јавно обвинителство, за што се искажаа многу креативни толкувања на правните принципи. Во време кога повторно во фокусот на политичката дебата е статусот на СЈО, по истекувањето на неговиот мандат, односно меѓупартиски договори за дефинирање на новиот закон за Јавно обвинителство, во јавноста, преку странски социјални мрежи повторно „експлодираат“ нови бомби, чија содржина компромитира припадници на актуелната владејачка гарнитура, или нивни блиски поддржувачи.

Неколку такви бомби се појавија еден ден пред изборниот молк за првиот круг на неодамна одржаните претседателски избори, додека уште една бомба беше активирана пред два дена, очигледно со тенденција за морална дискредитација на пратеникот Павле Богоевски. Додека јавноста е главно насочена кон моралниот аспект на актерите во т.н. бомби, легитимно се поставува прашањето дали овој нов феномен на објавување прислушувани материјали може да предизвика нови политички потреси во државата. И она што за граѓаните и јавноста е веројатно многу поважно е прашањето има ли одбранбен законски и правен механизам за заштита од деструктивното влијание врз општеството на сите вакви и слични незаконски и нелегални акти. Правниците и експертите имаат свое гледиште на состојбите.

– Едно беа бомбите од 2015 година, кои ја разобличија деструктивноста на тогашната власт и предизвикаа реакција во јавноста, која бараше правда во државата, а сосема друго се овие сегашни обиди за бомби. Овие сегашниве ги разбирам како копикет, односно обид за имитација на одредена ситуација, која предизвика соодветни процеси. Тоа се политички обиди да се злоупотреби една терминологија, за луѓето да мислат дека се работи за истоветна работа, но сепак оние бомби од 2015-та и овие сега се суштински различни – вели професорката Мирјана Најчевска, поранешна претседателка на Хелсиншкиот комитет.

Со создавањето на СЈО, со своевиден политички консензус создаден под меѓународен притисок, на некој начин беше легализиран правниот преседан за користење нелегално снимени материјали како докази во правна процедура. Постоењето на СЈО, првично замислено со ограничено времетраење и за предмети произлезени токму од прислушуваните материјали, повеќепати беше оспорувано, а сега, во мигот кога се одлучува за неговата понатамошна судбина, новообјавените бомби се јавуваат како одреден предизвик, во смисла дали и од нив би можеле да бидат поведени соодветни постапки.

– Ако тогаш, во 2015 година, заради јавниот интерес се боревме за објавување на т.н. бомби (односно неовластено снимени материјали од овластен државен орган) за да се разобличи деструкцијата на политичарите, тој принцип треба да важи и сега. Ако има индиции за кривично дело, тоа треба да биде законски процесирано. Меѓутоа, и тогаш и сега, останувам на ставот дека тие прислушувани разговори треба да се користат само како индиции врз кои обвинителството ќе собира докази, а не самите да бидат доказ. Добрите индиции (на пример бомбите) се страшна алатка во рацете на обвинителството. Но ако и со таквата алатка обвинителството не успее да обезбеди докази, тогаш треба да си ја подвитка опашката – вели адвокатот Александар Тортевски.

Во меѓувреме се зацврстува впечатокот дека владеењето на правото во македонското општество е постојано заложник на политичката манипулација со т.н. бомби.

– Феноменот на бомбите во македонското општество е само видлива манифестација на вирусот на корупцијата, непотизмот и клиентелизмот кај политичарите. Бомбите се своевидно вадење сипаници, кога ќе созрее вирусот. Кога ќе се реши корупцијата, односно кога политичарите ќе се однесуваат во согласност со законите – нема да има бомби и потреба од специјални правни инструменти, ниту креативно толкување на правото – вели Тортевски.

Фото: Маја Јаневска-Илиева