Болшевикот Борис

Повеќето луѓе револуциите ги замислуваат како ненадејни земјотреси или вулкански ерупции, кои доаѓаат без предупредување и го уништуваат целиот политички систем. Но историчарите, политиколозите, па дури и обичните политичари знаат дека реалноста е многу различна: револуциите се случуваат кога системите стануваат шупливи или едноставно ќе изгнијат однатре. Потоа, револуционерите можат да ги заобиколат воспоставените норми на однесување, па дури и за вистината, како тривијалности што не треба да ја попречуваат народната волја. Револуцијата се случува, како што велат Кинезите, кога системот на владеење ќе го изгуби „мандатот од рајот“.

Само времето ќе покаже дали во моментот сме сведоци на пропаѓањето на британската демократија. Но премиерот Борис Џонсон можеби има преминато некои невидливи Рубикони кога неодамна реши да го суспендира парламентот од средината на септември до 14 октомври, со намера практично да ја елиминира секоја шанса избраните претставници на народот евентуално да ги блокираат неговите планови за брегзит на 31 октомври. Што и да се случи сега, британската парламентарна демократија никогаш повеќе не може да биде иста. Секако, никогаш повеќе нема да биде моделот на кој некогаш му се восхитуваа толку многу луѓе низ целиот свет. Како што Џонсон и неговите приврзаници со право укажуваат, нема ништо невообичаено во суспендирањето на парламентот или во т.н. пророгација (толку љубезен британизам што го маскира со чинот на спречување на законодавниот дом непречено да функционира). Тие тврдат дека некодифицираниот устав на Британија дозволува точно такво барање за суспензија што Џонсон го достави до кралицата Елизабета Втора, која има надлежност да го суспендира парламентот. Џонсон има јасен и формален авторитет да го упати тоа барање. Но вистинското прашање се однесува на мотивот, може ли премиерот да ја советува кралицата да го суспендира парламентот кога јасната, но недекларирана цел за тоа е да го поништи неговиот суверенитет. Тоа е она за што судовите на Британија сега мора да одлучат.

Англичаните водеа граѓанска војна во 17 век околу прашањето за суверенитетот на парламентот, а последователното решение со монархијата треба да биде преседан на кој сега се потпираат судовите во Британија. И во срцето на тоа е концептот дека парламентот, а не монархијата (и секако не извршната власт) е вистинскиот суверен.
Но со британски судии, кои претходно биле етикетирани како „непријатели на народот“ од страна на популистите на брегзит поради пресудата од 2016 година во која тие го потврдија суверенитетот на парламентот и неговото право да се одржи значајно гласање за брегзит, се поставува прашањето дали судовите повторно ќе се заземат цврст став. Одлуката на поранешниот британски премиер Џон Мејџор да ги здружи силите со Џина Милер, активистката во кампањата против брегзит, која ја поведе правната процедура во 2016 година, е извонредна интервенција што сугерира дека Мејџор ги смета постапките на Џонсон за сериозна закана за британската демократија.

Однесувањето на Џонсон навистина му штети на владеењето на правото на начин на кој тешко ќе се лекува. Тој демонстрираше немилосрдност и презир кон уставните норми и конвенции поради што не може да му се верува – особено не на човек што за себе смета дека дејствува во рамките на черчиловската традиција на британското раководство.
На крајот на краиштата, бруталната иронија тука е дека обидот на Џонсон да го блокира парламентот има вознемирувачки паралели со она што го правеа фашистичките лидери на Европа во 1930-тите. Човек помислува на Хитлер или на Мусолини, кој го изманипулира кралот за да ја консолидира власта, а тој потоа ја загуби круната и беше прогонет по Втората светска војна.

Малкумина, барем засега, стравуваат за безбедноста на круната на кралицата Елизабета. Но британскиот монарх е повлечен во политичка и уставна криза, невидена досега во изминатите речиси 68 години од нејзиното владеење. Фактот дека наводно конзервативниот премиер би ризикувал таков потег, укажува на тоа дека презирот на Џонсон кон демократските норми и владеењето на правото одговара на оној на неговиот идол, американскиот претседател Доналд Трамп. Наредните денови и недели би можеле да ја утврдат судбината вековната парламентарна демократија на Велика Британија. Останува да се види дали мнозинството пратеници, кои се спротивставуваат на брегзит без договор со ЕУ, не може да се обединат и да го блокираат обидот на Џонсон да го блокира парламентот и дали судовите во Британија ќе имаат храброст да ги бранат нормите и конвенциите на британскиот устав. Многу ќе зависи и од тоа дали оние членови на кабинетот на Џонсон, кои некогаш се јасно се противеа на пророгацијата, Саџид Џавид, Амбер Рад, Мет Хенкок, Ники Морган, па дури и тврдокорниот брегзитер Мајкл Гоув, ќе продолжат да се согласуваат со Џонсон за да го блокираат парламентот и да ги задржат своите функции.

Но најважното прашање е дали доволно Британци конечно ќе ја препознаат измамата наречена брегзит. Нивната иднина сега почива на бинарен избор помеѓу задржување на демократијата, владеењето на правото и блиските односи со Европа и брзањето напред кон авторитаризмот, произволната власт, продлабочувањето на глобалната изолација и цврстата прегратка на Трамп.

Авторката е професорка по меѓународни односи на Новата школа во Њујорк