Бившиот британски премиер претходно порача дека пратениците во парламентот во Лондон би можеле да поддржат нов референдум, ако ниту една од другите опции на Владата не функционира, пренесува Би-би-си

Британската премиерка Тереза Меј упати остри критики до Тони Блер, еден од нејзините претходници, обвинувајќи дека сака да ги поткопа преговорите за брегзит со повикот за нов референдум за излегувањето на Британија од ЕУ. Меј истакна дека коментарите на Блер се навреда за функцијата што ја извршуваше порано, додавајќи дека пратениците не може да ја избегнат одговорноста за реализирање на брегзит, со спроведувањето ново гласање. Бившиот премиер претходно порача дека британските пратеници би можеле да поддржат нов референдум, ако ниту една од другите опции на Владата не функционира, пренесува Би-би-си.

Коментарите на Блер и реакцијата на Меј следуваат откако десетина лабуристички пратеници се сретнаа со Дејвид Лидингтон, шефот на кабинетот на премиерката, за да ги изнесат своите аргументи за ова прашање. Според британските медиуми, групата пратеници му испратиле јасна порака на Лидингтон, дека не постои друг план на Владата, кој тие би го поддржале. Сепак, повеќе високи претставници на Лабуристичката партија многу се двоумат околу поддржувањето нов референдум. И Владата во Лондон е против ново гласање, порачувајќи дека јавноста направила јасен избор на гласањето во 2016 година, кога 51,9 отсто од гласачите го поддржаа брегзит.
Би-би-си оценува дека критиките на Меј до Блер се невообичаено остри, при што премиерката воопшто не го крие гневот за коментарите на еден од своите претходници.

– Тони Блер да отиде во Брисел и да се обидува да ги поткопа нашите преговори, заговарајќи втор референдум, е навреда за функцијата што некогаш ја извршуваше и за луѓето што им служеше. Не можеме, како што тој би сторил, да ја избегнеме одговорноста за оваа одлука. Парламентот има демократска обврска да го спроведе она за што гласаше британскиот народ. Има премногу луѓе што сакаат да го поткопаат процесот поради нивни политички интереси, наместо да се водат од националниот интерес – порача Меј.

Британските пратеници требаше минатиот вторник да гласаат за договорот на Меј за брегзит, но гласањето беше одложено откако премиерката призна дека договорот ќе биде одбиен со значајно мнозинство. По одложувањето на гласањето во парламентот, Меј отпатува во Брисел, во обид да издејствува од европските лидер измени на нејзиниот договор, за да биде поприфатлив за британските пратеници. Сепак, ЕУ стави јасно до знаење дека нема да има нови преговори, прифаќајќи само „појаснување“ на договорот, кој предизвика политичка бура во Лондон. Многумина од пратениците на партијата на Меј се загрижени дека т.н. „отстапка“ од договорот, чија цел е спречување на подигањето цврста граница во Северна Ирска, ќе ја задржи Британија врзана за правилата на ЕУ и ќе ја ограничи нејзината можност да склучува трговски договори.

Во меѓувреме, шефот на британската дипломатија Џереми Хант порача дека Британија „ќе цвета и ќе напредува“, дури и ако ја напушти ЕУ без постигнат договор со Брисел.
– Сме се соочиле со многу поголеми предизвици во нашата историја. Но не би требало да се преправаме дека нема да има нарушување, нема да има ризик и дека нема да има влијание, и затоа, како одговорна влада, мораме да ги направиме сите неопходни подготовки – истакна Хант.

Тој исто така сака Меј да успее во мисијата, откако ќе ја води земјата во наредните неколку месеци, полни со предизвик. Коментарите на Хант следуваат откако Меј јасно стави до знаење дека ќе се повлече од функцијата пред наредните парламентарни избори, предвидени за 2022 година.