Василев двапати беше трет на шампионатите на поранешна Југославија. Боксерскиот клуб Скопје беше неговата матична средина, а еден период настапуваше за шампионската екипа на Борац од Бања Лука

Во 70-тите години од минатиот век, на ринговите во Македонија како печурки никнуваа добри боксери кои својот квалитет го демонстрираа и на меѓународниот ринг. Еден од тие боксери кои оставија белег и за кого наголемо се говореше не само кај нас туку и пошироко во поранешната држава беше боксерот на Скопје, Блажо Василев. Тој, во својата кариера, боксувајќи во полусредна категорија во која имаше плејада квалитетни натпреварувачи, двапати успеа да стигне до полуфиналето на државните првенства и да го освои бронзениот медал.

– Моја желба беше да бидам фудбалски голман. Така ѝ ја почнав спортската кариера. Но сето тоа не траеше долго, зашто еден ден кога отидов на тренинг со боксерите на Скопје, познатиот тренер Живко Дуковски, кој беше „алфа и омега“ во клубот, ми рече: „Момче ти си роден за бокс“. Тоа пријатно ме изненади, а беше и пресудно оттогаш да не ги оставам ракавиците и боксот да стане моја животна спортска определба – раскажува Василев.

ДА УДРАМ, НО ДА НЕ БИДАМ УДРЕН

Во периодот кога Василев почна да се занимава со боксот, во Македонија се родија многу шампиони. Тогаш првпат беа освоени и медалите од големите светски приредби – олимписките игри, европските и балканските првенства. Сето тоа зборуваше дека боксот станува спорт кој ги освојува младите.

– Во почетокот од мојата кариера скромно посакував да бидам барем на нивото на мојот тренер Дуковски, кој беше првиот Македонец што освои медал на државните првенства на Југославија. Ми импонираше да тренирам со него, зашто и јас го чувствував неговиот ентузијазам со кој влегуваше во работата. Секогаш, не само од мене туку од сите нас бараше да не „лудуваме“ на рингот и паметно да ја водиме борбата. Потоа, кога налетував и на најсилните противници, познатите боксерски шампиони, секогаш се потсетував на зборовите на Дуковски дека боксот не е игра и дека постојано треба да се внимава. Затоа некогаш, и кога ми се укажуваше шанса жестоко да нападнам, бев внимателен и не го правев тоа по секоја цена. Напротив, гледав со мудра борба да го приведам мечот докрај – вели Василев.

Блажо Василев беше добар техничар и знаеше како да се однесува на рингот. Тој беше вистински репрезент на „благородната“ вештина. Сакаше да се надмудрува со противникот, а не по секоја цена да оди да го разоружи и уништи.

– Често и денес раскажувам за моите чувства и мисли кога се појавував на рингот. Сакав да удрам, но да не бидам удрен. Некој ќе се праша дали е тоа можно, зашто кога се излегува на рингот не може само едниот да удира. Тоа, нормално, во боксот не е можно, но постојано се носев со мислата да не бидам удрен. Едноставно, така размислувајќи можев подобро да се контролирам. Знаев дека можам да примам и удари, но настојував нивниот број да не биде голем. Борбите ги водев внимателно, навреме го поставував гардот и никогаш не бев доведен во ситуација да не знам каде се наоѓам – продолжува Василев.

НЕЗАБОРАВНА БОРБА СО НИКЧЕВИЌ
Секој боксер во својата кариера има мечеви и противници на кои се сеќава и не може да ги заборави. Таков е случајот со Василев, кој од боксерската биографија посебно ги одделува своите први борби.
– Мојот прв настап беше за екипата на Скопје, во Втората лига, во Лозница. Нормално, како и секој почеток и мојот не беше лесен. Го загубив првиот официјален меч, но не бев разочаран. Бев поразен од тренерот на Лозница, кој иако во години уште активно боксуваше. Во таа борба научив многу нешта кои подоцна ги применував во идните мечеви. Знаете, да се боксува на официјален меч против еден тренер е големо искуство. Тоа му доаѓа дури многу повеќе од спарингување. Веќе во вториот настап во Скопје, пред своите гледачи, беше поинаку. Иако противник ми беше Никчевиќ, кој припаѓаше во онаа група елитни југословенски боксери во полусредна категорија, успеав да го победам. Радоста беше голема, а гледачите ме понесоа на раце по борбата, со која практично ја обезбедив екипната победа во дуелот со Иванград, во рамките од Втората југословенска лига – вели Василев.
Потоа почнува оној вистински боксерски живот на еден од најдобрите македонски боксери. Василев влегува во многу тешки дуели и тоа со реномирани противници. Во неговата категорија беше еден Белиќ, кој важеше за еден од најдобрите не само во Југославија, туку и во Европа. Тој настапи и на ЛОИ во Минхен, во 1972 година. Потоа, тука беше секогаш цврстиот Јефтиќ, а секако и носителот на бронзениот медал од Европското првенство во Белград, во 1973 година, Јелисиевиќ. Во полусредна категорија беше вистински пекол, и може да се каже дека тоа беше една од најинтересните категории за гледачите.

ВО ДВЕ ПОЛУФИНАЛИЊА „ПУКНАА“ ЧЕТИРИ АРКАДИ

Колку беше жестоко во полусредна категорија зборува и државното првенство во Бања Лука, кое беше изборен натпревар за состав на репрезентацијата за ЕП 1975 во Катовиц. Тогаш, во двете полуфинални борби „пукнаа“ четири аркади.

– Веќе го имав обезбедено бронзениот медал и требаше да се сретнам во полуфиналето со Светомир Белиќ, кој за мене беше еден од најголемите боксери и пример кој посакував да го следам. Не можев да верувам дека ете, дојде време токму со него да ги вкрстам ракавиците. Бељата да биде поголема, утрото пред мерењето требаше да симнам уште 200 грама. Тренерот Дуковски во тие моменти, кога требаше да почне она измачување на организмот, знаеше да ме мотивира и како ехо и денес ми одекнуваат неговите зборови: „Ајде мораш, се бориш за твојот клуб, за Македонија, ајде покажи им ја силата, покажи дека си херој“. Ова како да ми даваше дополнителен стимул во напорите да ја доведам тежината на потребното ниво. Откако успеав во тоа ме очекуваше борбата за која мечтаев. Но во тој дуел во кој двајцата влеговме со сета жестина, при еден судир на двајцата ни пукнаа аркадите. Мечот беше прекинат, а бидејќи мораше да има победник, судиите победата му ја доделија на Белиќ – вели Василев.

Во второто полуфинале се повторува истата слика: пукаат аркадите на Јелисиевиќ и Качар. Борбата беше прекината, а победата му беше доделена на Јелисиевиќ, кој во финалето требаше да се сретне со Белиќ. Но бидејќи двајцата имаа повреди на аркадите, финалната борба се одржа по неколку недели и тоа на специјално поставениот ринг во студиото на ТВ-Белград.

– Ова беше вистински спектакл. Според информациите од ТВ-Белград, тоа била најгледаната програма. Ете, тоа финале се одржа во еден несекојдневен амбиент за боксот, а победник беше Белиќ – се сеќава на тој настан Дуковски.
Сето ова најубаво зборува колку беше ценет и почитуван боксот како спорт во тогашната држава.
Блажо Василев пет години подоцна, на шампионатот во Борово, кој беше изборен за ЛОИ во Москва, повторно стигна до бронзениот медал. Откако во четврт-финалето го совлада незгодниот и многу цврст боксер на Раднички, Мандиќ, во полуфиналето загуби од Јефтиќ.

– Многу жалам што не влегов во финалето, а имав шанса за тоа. Постојано во текот на борбата ги слушав советите на мојот тренер, овој пат тоа беше македонската боксерска легенда Живорад Шишковиќ. Следејќи ги неговите упатства го отворав патот кон финалето. Меѓутоа, некогаш судиската неправда застанува на патот на остварувањето на сонот. Во финишот, кога од силните удари Јефтиќ беше разнишан и беше во нокдаун, гонгот го спаси. Судиите со прегласување од 2-3, на општо изненадување и негодување од публиката му ја доделија победата, иако речиси на крајот од мечот беше нокаутиран – вели Василев.

Блажо Василев најчесто тренираше во Сарај, каде што речиси преку цела година, предводени од познатиот тренер Љах Нимани, беа боксерите на четирикратниот екипен шампион на Југославија, Приштина. Спарингувањата со Богуевци, Хашани и Пеци, кои беа југословенски шампиони (освоија медали и на Светското првенство во Белград во 1978 година), на Василев многу му помогнаа во континуитет да ја одржува формата. Тој настапуваше и победуваше на многу турнири, а во еден период беше и член на шампионската екипа на Борац од Бања Лука.

– Таму имав можност да тренирам со еден од најголемите југословенски боксери, Маријан Бенеш, со кого станавме добри пријатели и до крајот на неговиот живот се слушавме, а понекогаш и се среќававме, овој пат како гледачи на боксерските приредби. За жал, него веќе го нема, но тој остана во моите сеќавања како голем боксер и пред сѐ човек кој имаше сурова животна судбина. Бенеш најмалку го заслужи тоа, животот така да си поигра со него. Замина од сцената, огорчен од сето она што го опкружуваше – ја завршува својата приказна нашата боксерска легенда Блажо Василев.


Лична карта
Роден: во 1954 година во Скопје
Кариера: БК Скопје и БК Борац од Бања Лука
Успеси: Двапати трет во Југославија, учесник и победник на повеќе турнири, стандарден во БК Скопје за кое освојуваше значајни бодови во Втората лига, екипен првак на Југославија со БК Борац од Бања Лука