На последната јунска седница советот на општината Битола донесе одлука битолската спортска сала „Младост“ да се преименува според ракометарот Боро Чурлевски. Оваа одлука, во најмала рака, е чудна, имајќи предвид дека истата иницијатива за преименување на спортската сала „Младост“ во спортска сала „Боро Чурлевски“ пред две години беше одбиена од тогашната власт во општината Битола, со образложение дека за тој чин е потребна јавна расправа на спортската јавност во општината, односно потребно е изјаснување на битолските спортисти, новинари, спортските работници и спортските симпатизери.

Во изминатиот двегодишен период не се случи тоа, односно ниту еден спортски клуб, ниту еден спортски тренер, ниту еден спортист, ниту еден член на управа на спортски клуб, ниту еден навивач не беше прашан дали салата „Младост“ треба да биде преименувана во „Боро Чурлевски“.

За да биде преименуван еден спортски објект според некој спортист, потребни се одредени критериуми: спортистот според кого ќе биде преименуван објектот треба да постигнува врвни резултати и да биде репрезентативец на својата земја, да биде праведлив и коректен кон противниците и да е угледен граѓанин во општеството.
Ракометарот Боро Чурлевски во својата спортска кариера никогаш не бил најдобар ракометар во општината Битола, не бил спортска легенда за битолската спортска сала да се нарекува по него. Имено, според битолската спортска јавност, за најдобар ракометар во ракометната историја на Битола се смета Пеце Димитровски.

Историјата на битолскиот ракомет можеме ја поделиме на три периоди. Првиот период е од почетоците на ракометот во педесеттите години до крајот на седумдесеттите од минатиот век, кога ракометот се играше во ракометното игралиште кај ДТВ „Партизан“. Во тој период се појавија плејада врвни ракометари, на чело со Пеце Димитровски, Пеце Црниот, Стамато, Боне Трајковски, Чапле, Шотата, Лазе Баевски, Багевски, Баџата, Кице и други.

Вториот период е во осумдесеттите и првата половина на деведесеттите години од минатиот век, каде што спортските натпревари се играа во спортската сала „Младост“. Во овој период најдобри ракометари беа голманот Стеве Стефановски-Цревото и Абдула Јусуфовски.
Третиот период е од средината на 1990-тите до денес. Во овој период Битола ги даде следните врвни ракометари и ракометни интернационалци: Бранко Ангеловски, Игор Котевски, Борче Марковски, Иван Николовски, Дарков, Никола Митревски, Кире Поповски, Филип Кузмановски, Сајкало, Ненад Спировски, Звонко Шундовски, Златко Димитровски и други. Во оваа генерација, Стевче Алушевски беше најуспешен ракометар и имаше најголем удел во развојот на битолскиот и македонскиот ракомет.
Некои од претходно наброените ракометари беа еднакви по квалитет со него, а некои и многу подобри од него. Не е во ред критериумот според кој спортската сала треба да се преименува во Боро Чурлевски затоа што неговиот живот заврши прерано, почина на 48 години, бидејќи ракометарот Сашо Спировски-Левата, првотимец на РК Пелистер, почина на триесетгодишна возраст и никој во битолската спортска јавност не се сети на ниту еден начин да биде одбележано неговото име.
Со оглед на претходно посоченото, зачудува дилетантскиот однос на спортската комисија во советот на општината Битола, предлагајќи промена на името на спортската сала. Потоа, дали е земен предвид и фактот дека Чурлевски беше и советник од СДСМ во советот на општината Битола во периодот 1996 и 1997 година, односно кога се случи аферата ТАТ? Дали за реализацијата на оваа идеја имаат удел политички дилетанти и поединци со болни суети?
Со оглед на тоа дека пред две години ВМРО-ДПМНЕ ја одби иницијативата за преименување на салата, сега се поставува прашањето зошто советниците од ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа предлогот за преименување на спортската сала.

Владо Драмбевски