Фото Васка М. Младеновска

Веќе стана вообичаена слика. Цели 37 години, секој 24 мај, на денот кога се слави празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Битола се претвора во отворено ликовно студио и во галерија на детски ликовни творби од целиот свет под ведро небо.

Навистина беше вистинско задоволство и уживање да се биде деновиве во Битола и да се видат 80 млади ликовни уметници од 16 држави во светот, од Македонија, Србија, Романија, Турција,Русија, Украина, Кина,Индија, Малезија, Индонезија, Тајланд… како ги сликаат старите битолски објекти, чија архитектура го запира здивот, но и буди чувства на тага, поради нејзиното пропаѓање.
Младите ликовни уметници, Лау Кин од Кина, Узун Алпер од Турција, Софија од Русија, Ануша од Индија, Милана од Белград и многу други, изминатите денови го вратија животот во Старата битолска чаршија.

Коста Хаџиантоновски

Просториите на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ буквално личеа на трговски дуќан, полн со секакви сокови, банани, разни локуми, чоколади, напитоци… Дуќанџиите, трговците, леблебиџиите, продавачите на сокови, тезгаџиите… буквално се натпреваруваа кој да им подари нешто на младите уметници, кои внесени во создавањето на уметничките творби дури не ги забележуваа нивните погледи.
Во студиото речиси цел ден пристигнуваа голем број гости и туристи, кои ги разгледуваа детските цртежи од Светската изложба. А во вечерните часови, секој ден младите ликовни уметници ги презентираа своите уметнички дела што ги создале тој ден пред студиото и се добиваше впечаток дека Старата битолска чаршија личи на уметничка галерија.
Пред уметничките дела на децата од целиот свет застануваа голем број битолчани, но и турис­ти, кои беа воодушевени од прикажаните ликовни творби на младите уметници.

Неуморниот чичко Коста

Иако поради годините и здравствените проблеми што ги има со подвижноста, творецот на детското ликовно студио и ликовната колонија, Коста Хаџиантоновски, или чичко Коста како што децата најчесто го викаат, не можеше многу да се движи, сепак тој со помош на дубалката будно ги разгледуваше сите творби создадени тој ден. На трите најуспешни творби студиото им подаруваше диплома и награди.


– Иако можам слободно да речам дека за мене сите досегашни колонии се успешни, сепак, мислам дека годинашната е една од најдобрите организирани досега. Причина за тоа е што покрај одличните творби што ги добивме за Светската ликовна изложба и мошне квалитетните млади ликовни уметници, кои учествуваат на колонијата, годинава првпат откако ја организираме колонијата, ја имаме поддршката од општината Битола и од Министерството за култура. Сега, за разлика од порано, речиси немавме финансиски проблеми и во далеку порелаксирана атмосфера ја организиравме годинашната колонија – ни рече неуморниот Коста Хаџиантоновски.
Инаку, Охрид веќе неколку години е градот што стана дел од оваа битолска колонија. По неколку дена сликање по битолските улици, во неделата учесниците на колонијата заедно со некои родители што ги придружуваа, во рамките на ликовниот карван сликаа и во Охрид, покрај Охридско Езеро, на темата „Старата охридска архитектура“.

За она што слушав сега сведочам

За тоа каква е возбудата од учеството на „Малиот битолски Монмартр“ најдобро говорат зборовите на Милана Шариќ од Белград, ученичка во трети клас во Дизајнерското училиште, која првпат годинава учествува на колонијата.
– Во изминатите години доста сум слушала за „Малиот битолски Монмартр“. За тоа како е тука, на колонијата, најчесто ми зборуваа наставниците во училиштето за сликање, каде што посетувам настава. Но сега кога ми се даде можност да дојдам во Битола и првпат да учествувам на колонијата, моите впечатоци се навистина прекрасни. Овде атмосферата е неопислива. Покрај тоа што сликаме низ Битола, имаме време и да се дружиме со децата од целиот свет. Веќе стекнав некои пријателства, кои ќе настојувам да ги продлабочам во иднина – ни рече Милана Шариќ од Србија.


Годинашното 37-мо издание на „Малиот битолски Монмартр“ се затвора утревечер, кога ќе биде отворена големата изложба во Старата битолска чаршија од создадените ликовни творби на годинашната колонија и кога ќе бидат познати добитниците на наградите, како и десеттемина гости што ќе учествуваат на идната колонија.


Награди

Највисокото признание на колонијата го освои основното уметничко училиште „Плзењ“ од истоимениот град во Чешка, кое годинава стана добитник на гран при. Добитник на наградата „Проф. д-р Богомил Карлаварис“ за животно дело е ликовниот педагог д-р Б.А. Реди од Индија, а специјалната награда замина во Трабзон, Турција. Наградата за најдобра колекција „златка четка“ годинава ја добија 17 учесници на конкурсот, 114 награди се доделени за поединци „златна палета“, додека вкупно беа доделени 384 награди на меѓународниот конкурс „Битола 2018“.


Студиото создаде над 50 академици

Во изминатите 37 години на колониите на „Малиот битолски Монмартр“ учествувале голем број деца и млади ликовни уметници. Денес голем број од нив се познати ликовни воспитувачи, наставници и професори. Според зборовите на Коста Хаџиантоновски, во студиото „Кирил и Методиј“ своите први чекори во ликовната уметност ги направиле над 50 учесници, кои денес се познати ликовни академици со светска слава.


Богатство од 650 илјади цртежи

Детското ликовно студио „Кирил Методиј“ од Битола, без никакво претерување, е едно од најбогатите студија со ликовни дела не само кај нас, туку и во светот. Во своето депо студиото има над 650.000 цртежи и уметнички дела, кои во сите изминати 37 години ги создале учесниците на колониите.
– Во 1995 година студиото го сруши Гинисовиот рекорд со изложбата што ја организираше со 11.000 цртежи. Ние, покрај тоа што имаме 650.000 цртежи, имаме над 50.000 дела што се жирирани од стручна комисија. Сега кога би организирале изложба, можеме со детски ликовни творби да го покриеме патот од Битола до Лерин – вели Коста Хаџиантоновски.