Битола од 18 до 20 мај ќе биде домаќин на првото издание на фестивалот „Џез-фактори“. Главната програма ќе се одвива на терасата пред Офицерскиот дом, а оф-програмата и работилниците ќе се случуваат во кафе-барот „Камарите“. Организатор на манифестацијата е Сашо Поповски, џез-музичар, професор и шеф на џез-катедрата при музичката академија на универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Центарот за културна деконтаминација од Битола. Оф-програмата ќе биде комплетно во реализација на студентите на џез-катедрата од Универзитетот во Штип. Во програмата се и џез-работилниците што ќе ги одржат: Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов, Асаф Сиркиз и Тони Китановски, а дел од програмата е и дебатата на музичките новинари од цела Македонија. Фестивалот е поддржан од општината Битола и од Министерството за култура.