Фото: Игор Бансколиев

Благодарение на едно мало лично истражување иницирано од УХМР, направив мала анкета на луѓе што ги споделуваат своите симптоми предизвикани од временските услови од различни возрасти. Повеќето имаат од 30 години па нагоре. Добив повеќе од 1.200 записи од лица што се пожалиле поради појавување на одредена симптоматологија во одреден период од денот, вели Борис Секирарски од УХМР

Зимскиот период од годината но и заладувањето, честото менување на временските услови не ги остави рамнодушни граѓаните, ниту оние што немаат никакви заболувања, а камоли оние со хронични болести. Сончево па наоблачено, дожд па ветер, сето тоа негативно влијае не само на здравјето туку и на расположението на граѓаните. Нервоза, сонливост, неспособност за работа, главоболки, ревматични болки се само некои од симптомите што ги чувствуваат граѓаните.
Со ваквата проблематика не се занимава само медицината, туку и метеорологијата, повеќе позната како медицинска метеорологија. Стручните лица велат дека метереопатите ги чувствуваат промените на времето затоа што нивниот организам многу потешко се адаптира на брзите временски промени. Нивните клетки не можат толку брзо да се адаптираат на новонастанатата временска состојба, па кај нив се манифестираат главоболки, ревматични болки, сонливост, покачен притисок и слично.

Управата за хидрометеоролошки работи веќе подолго време покрај временската прогноза, објавува и биопрогноза, која се однесува токму на симптомите што луѓето ќе ги почувствуваат од промената на времето.

– Благодарение на едно мало лично истражување иницирано од УХМР, направив мала анкета од луѓе што ги споделуваат своите симптоми предизвикани од временските услови од различни возрасти. Повеќето имаат од 30 години па нагоре. Добив повеќе од 1.200 записи од лица што се пожалиле поради појавување на одредена симптоматологија во одреден период од денот – вели Борис Секирарски од УХМР.
Врз база на истражувањето направиле список од низи симптоми и низи метеоролошки периоди, за тоа кога, односно во кој период од денот се појавила одредена симптоматологија.

– Околу три месеци интензивно собирав информации. Потоа прибирав уште податоци, но не со тој интензитет. Во тој тримесечен период, на секој час добивав податоци од луѓето, односно, кога ќе се појавеше одреден симптом, јас го запишував истиот тој и часот во кој се појавил. Потоа само ги вклопив добиените податоци – вели Секирарски.

Тој истакна дека промената на времето е она што најмногу влијае на луѓето.

– УХМР веќе има издадено 1.320 биопрогнози, кои секојдневно се објавуваат на социјалните мрежи, за оние што имаат тешкотии навреме да се подготват. Она што треба да се нагласи е дека метереопатите се луѓето што бавно се адаптираат на промената на атмосферата. Нивните клетки не се адаптираат брзо на временските промени. Тие луѓе не можат да ја стигнат промената – вели тој. Луѓето, како што вели тој, се поделени во неколку групи. Едни ги чувствуваат симптомите пред да се случи промената на времето, додека други непосредно за и по промената на временските услови.

– Затоа кога ја правиме биопрогнозата, пишуваме и одреден период од денот кога ќе се појават симптомите – вели тој.