Фото: Дарко Андоновски

За добри услови за стопанисување, како што велат бизнисмените, не се доволни само брза регистрација на фирма или лесен пристап до финансии, туку се потребни и добра инфраструктура, добро образован кадар…, а најважно е државната администрација да сфати оти таа е тука за да му помага на бизнисот, а не да му пречи

Најголем проблем на стопанството се инспекциските служби, кои сѐ уште, како што велат, инсистираат да се најдат нерегуларности само за да ги казнат компаниите. Поради тоа, една од заложбите на стопанските комори е реформа на инспекциските служби, подобрување на нивното работење во делот и насока не да бидат во фирмите за да казнат, туку да помогнат онаму каде што има одредени недостатоци. Од Сојузот на стопанските комори на Македонија велат дека не е тенденцијата да нема казнување, туку таму каде што има намерно и тенденциозно прекршување на законите, на фирмите да им се даде одреден период за корекција, пред да бидат казнети.

– Сепак, тие треба да ни бидат партнери, да ни посочат каде сме згрешиле. Инспекциските служби и стопанството треба да имаат подобар меѓусебен однос, корелации и соработка и сето тоа да доведе дотаму компаниите подобро да работат и тоа да се ефектуира преку плаќање повисоки даноци – велат од Сојузот на стопанските комори.

Како што вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, потребно е да има партнерски однос на сите нивоа на бизнисот со политиката.

– Пред две години се формираше Коморски инвестициски форум (КИФ) и отворивме своја канцеларија во Трст и таму ги координираме активностите. Тоа е една практична алатка за зголемување на капацитетот и моќноста на балканските држави за привлекување странски инвестиции, за регулација на правните прописи и за подобрување на инфраструктурата. Ние во октомври ќе одржиме средба на КИФ во Будва и со премиерите на тие земји ќе упатиме еден апел до Европската Унија дека ние не сакаме да бидеме примени во ЕУ од сожалување, туку треба да бидеме партнери, да имаме партнерски однос, во кој ќе се трудиме да ја намалиме разликата што постои меѓу нас и која ќе биде од големо значење и за европскиот континент – појаснува Азески.

И Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавците на Македонија, смета дека политичарите и администрацијата мора да бидат партнер на бизнисот, затоа што само така може државата нормално да функционира и да се развива.
– Бизнисот е тој што отвора нови работни места, инвестира во опрема и нови производни погони и создава новододадена вредност, која е основа за покривање не само на сопствените трошоци, туку преку даноците, таксите и другите давачки ја финансира и целокупната државна администрација. Затоа е потребна нивна соработка за утврдување на приоритетите и за отклонување на сите пречки што му штетат на бизнисот и на неговиот развој – истакнува Димитров.
Според него, во социјализмот државата била таа што го планирала развојот, но и инвестирала во отворањето нови работни места и нови претпријатија. Сега таа улога ја имаат претприемачите, нивни се идеите, но и ризиците и последиците од лошите инвестиции.

– Политичарите и администрацијата треба само да помагаат во тој процес, а во никој случај не смеат да бидат пречка за развојот на бизнисот. Соработката не треба да се сведе само на укажување на грешките, туку многу повеќе. Државата треба да создаде добри услови за стопанисување за да можат нашите претпријатија да бидат конкурентни на светските пазари – смета Димитров.

Меѓу добрите услови за стопанисување, како што вели тој, не се само брзината на регистрација на фирма или пристапот до финансии, туку и обезбедувањето добра инфраструктура, образование… Но, исто така, додава тој, многу е важно државната администрација да сфати оти таа е тука за да му помага на бизнисот, а не да му пречи.
– Сметам дека политичарите се доволно свесни за улогата на бизнисот и на економските институции за развојот на државата. Но понекогаш нивен приоритет се гласовите на избирачите на следните избори. За жал, нашите избирачи не ја гледаат пошироката слика и честопати потпаѓаат на разни „финти“ на политичарите и тоа претставува поттик за политичарите да ја стават политичката пропаганда високо на нивната агенда. Честопати ваквите постапки даваат некакви резултати на многу краток рок, а не се битни и дури се штетни за иднината на државата – појаснува Димитров.

Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, институционалниот капацитет на една национална економија претставува доминантен фактор за нејзиното функционирање, особено во т.н. функционална пазарна економија.

– Не случајно во сите извештаи на Европската комисија, Светската банка или, пак, други меѓународни институции на ова се обрнува посебно внимание. Функционалноста на администрацијата, од регулирање и одобрување до реализација и надзор, претставува фундаментален услов за успешен бизнис и економија. Ние сѐ уште сме предалеку од функционална пазарна економија. Со години се чекаат одредени согласности, и тоа поради нефункционално и некоординирано постапување од страна на институциите – објаснува Беџети.

Како што додава тој, не е проблемот во укажувањето на бизнисот, туку во дејствувањето, сѐ додека нема разрешување и одговарање за ваквите состојби, нема да биде подобро.

– Самата бирократија има инсталирано т.н. автоматско регулирање за деструктивно однесување за да ја оправдува својата потреба за егзистирање. Ова е работа со која врвот на институциите треба да се занимава. Едноставно на една специјална седница нека разреши десетина „бирократи“ што ги закочуваат сите овие работи, па ќе видиме како тркалото ќе проработи – појаснува Беџети.

Фото: Игор Бансколиев