Деновиве во основните училишта во Кичево: „Д-р Владимир Полежиноски“, „Санде Штерјоски“ и „Кузман Јосифоски-Питу“ беа одржани предавања за ризиците од употреба на пиротехнички средства. Целна група беа учениците од петто до деветто одделение. Проектот се спроведува петта година од страна на претставници на СВР-Охрид и ПС-Кичево. Овој пат едукатор беше инспектор за превенција од оваа Полициска станица.

– Во изминатите три дена во трите основни училишта во нашиот град ја спроведовме едукативната работилница поврзана со ризиците што ги предизвикува примената на пиротехнички средства, со работен наслов „Биди ѕвезда, не фрлај петарди“. Интересот за овие предавања беше исклучително голем, а деновиве акцијата ќе продолжи и во основните училишта од руралните средини, каде што предавањата ќе ги спроведат вработени од полициските канцеларии од селото Зајас и од селото Осломеј – вели Гоце Јованоски, инспектор по превенција при ПС-Кичево.

Тој дополни дека на децата на предавањата им се укажува за опасностите што ги демнат при употреба на пиротехнички средства и се запознаваат со слични искуствата од повеќето европски земји.