Бенкс го брани ударот на Пеле

Славниот англиски голман, светски првак и актер на веројатно најдобрата одбрана во светот, вчера почина на 81 година

Најпознатиот фудбалски голман на Англија, Гордон Бенкс, почина на 81 година. Тој беше член на репрезентацијата на Англија, која во 1966 година ја освои светската титула и е актер на веројатно најдобрата одбрана во светот, кога на Светското првенство во Мексико во 1970 година на спектакуларен начин го одбрани ударот на славниот Бразилец Пеле. Во неодамнешно интервју тој ги опишува неговите скромни почетоци како копач на јаглен во Шефилд, триумфот на СП 1966 и одбраната на ударот од Пеле, објави Би-би-си. Бенкс е роден во Шефилд во 1937 година. Со фудбал почнал во подмладокот на Шефилд и за аматерската екипа Милспо, а во 1953 година добил покана од Честерфилд.

– Не можам да кажам дека со играњето за Шефилд добив многу искуство, ме исфрлија по два меча. Татко ми ми кажа дека ако уште играм, ќе ми дозволи да останам на училиште до крајот на сезоната, но дека треба да работам и да заработувам. Бевме многу сиромашно семејство. Мојата прва работа беше на багер на локалниот јагленокоп. Имав 15 години. Потоа, мојот брат ми најде работа како чирак ѕидар – рекол Бенкс.

Бенкс бранеше за Честерфилд до 1959 година, кога замина во Лестер. Тој дебитира за Англија против Шкотска на „Вембли“ на 6 април 1963 година, а беше на голот кога Англија ја победи Германија со 4-2 во финалето на Мундијалот во 1966 година. Следната година Лестер одлучи да го продаде. Се шпекулираше дека Ливерпул е заинтересиран, но Бенкс замина во Стоук и во тој клуб се пензионира во 1973 година. Во меѓувреме бранеше за Англија и на СП 1970. Турнирот го освои Бразил, а се памети мечот со Англија, кога се чинеше дека Бенкс ѝ пркоси на физиката, успевајќи да му одбрани шут на Пеле, со парада долу десно, при што ја префрли топката преку пречката.

– Во Мексико беше жешко, теренот беше цврст и топката доста отскокнуваше. Мислев дека е подобро да работам повеќе за да се навикнам. Тоа е токму она што се случи. Видов како Пеле трча на работ од шеснаесетникот. Жаирзињо центрираше, но не можев да ја пресретнам топката. Знаев дека од 11 метри ќе требаше да бие фантастично за да ме совлада. Но теренот беше тврд, па при парадата морав да предвидам колку високо ќе отскокне топката, по што топката го погоди врвот на мојата рака и се чинеше како да оди во аголот. Кога станав видов дека топката замина преку пречката. Отпрвин си помислив „ти си толку среќен“, но потоа сфатив дека интервенцијата беше нешто посебно. Тогаш се запознав со Пеле и многупати и често разговаравме за тоа – рекол Бенкс.