Енис Барди, репрезентативецот на Македонија, кој настапува за шпанскиот прволигаш Леванте, вторпат по ред го доби признанието за најдобар македонски фудбалер во странство, во традиционалниот избор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Бесарт Ибраими, напаѓачот на тетовска Шкендија, беше прогласен за најдобар играч во домашна конкуренција, а го доби и признанието за најдобар стрелец. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев (има одиграно 99 натпревари), кој настапува за италијанскиот прволигаш Џенова, доби посебно признание за развој на македонскиот фудбал. Ќатип Османи од Шкендија го доби признанието за тренер на годината.