На неодамна завршениот меѓународен фестивал на храна што се одржа во Белград, на кој беа присутни претставници од повеќето земји од регионот, нашата земја ја претставуваа членови на Националната федерација на фармери. Кичевскиот иноватор Коста Галиман на овој фестивал го промовира уникатниот модел минијатурен казан, со зафатнина од 4 литри, од кој може да се добие дестилат во секакви услови и на најразлични места. Тој пред присутните гости од цел Балкан имаше јавна презентација и демонстрација како функционира овој уникатен модел, првпат виден на Балканот. – Можам да бидам презадоволен од комплиментите што ги добив од присутните на фестивалот за храна во Белград за мојот уникатен модел минијатурен казан, со зафатнина од 4 литри, бидејќи еминентни посетители на фестивалот потврдија дека првпат имаат можност да видат ваков модел и пројавија интерес да го промовираат и во своите земји.

Бидејќи овој минијатурен казан е уникат, наскоро ќе го патентирам и ќе го заштитам како сопствен изум – рече неговиот мајстор. Покрај на фестивалот, тој имаше презентација и во еден од култните белградски хотели „Метропол“, каде што пред елитни гости го претстави својот изум.

– За време на фестивалот за храна имав прекрасна можност пред голем број експерти во хотелот „Метропол“ да извршам презентација како од овој мини-казан се добива првокласен дестилат. Токму затоа казанот го наполнивме со 4 литри наливно вино и по еден час добивме дестилат (ракија) со јачина од 55 степени, во количество од 1,5 литар. На присутните им предочив дека во секакви услови може да се произведе посакуваниот дестилат, а за загревање ни треба единствено една мала плинска боца, која може да ни послужи за три полнења на овој казан. За него не е потребна електрична струја ниту дрва, не ја загадува човековата околина и може да се постави каде што ќе посакате – додаде кичевскиот иноватор, кој планира дополнително да ги промовира и малку поголемите казани, од 12 и 14 литри, кои и досега се присутни кај повеќе наши гастарбајтери во Европа и во Америка.

Покрај минијатурниот казан, кичевскиот мајстор на овој фестивал го претстави и котлето за рибја чорба или гулаш, многу барано во подунавските земји, каде што познатите аласи на Дунав приготвуваат ваков специјалитет. Тој најави скорашна посета на повеќе европски телевизиски куќи, така што неговиот иновативен модел ќе доживее и планетарна промоција.