Балетската претстава „Либертанго“ А. Пјацола, која е одлично прифатена од публиката, ќе биде дел од годинашното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ на 18 јули на сцената на Долни Сарај со почеток 22 часот. Ова е приказна за создавањето на патот на тангото, уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Тангото се нарекува уште и танц на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето. Кореографијата е на Сабрина Боско од Италија, режисер е Наташа Поплавска, а сценографијата и костимографијата се на Александар Ношпал. Настапуваат: Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили (Грузија), Марија Кичевска Шокаровска, Игор Веланоски, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, солисти и балетскиот ансамбл на НОБ.