Високото загадување во океаните претставува голем проблем во светот. Во изминатава години сѐ почесто се слуша дека китови умираат од консумирање голем број пластични материјали. Истражувањата покажуваат дека морската риба што ја јадеме веќе содржи во себе микропластика. Поновите истражувања велат дека во 2050 година ќе најдеме повеќе пластика во водата и во морските риби, па затоа има многу луѓе што работат на генерирање решенија за овој проблем. Некои имаат многу имагинативни идеи како да ја сменат оваа ситуација. Во моментов новина во решенијата претставува бактеријата што јаде пластика.

Пионери во оваа област се студентите Џени Јао и Миранда Ваг, кои развиле проект за бактеријата што јаде пластика. Тие денес ги добиваат плодовите од својата макотрпна работа, која ја започнале од своите училишни денови. Веќе имаат патенти и добиле финансии во висина од 400 илјади долари за да почнат да го развиваат производот, а сето ова на само 20 години.
Тие веќе освоија пет награди благодарение на овој проект, станаа популарни бидејќи се најмладите што ја освоиле наградата за наука „Перлман“, благодарение на малата бактерија што е способна да ја трансформира пластиката во јаглерод диоксид и вода. Технологијата се користи на два начина: за чистење на плажите и за производство на суровини за облека.

– Практично е невозможно луѓето да престанат со користењето на пластиката и пластичните материјали, ни треба технологија за разбивање на материјалот, тој да стане биоразградлив – вели Миранда Ваг за „Зона на физика и астрономија“.
Развојот на оваа технологија е поделен на два дела: прво, пластиката се раствора и ензимите се однесуваат како катализатори, така што ја прават пластиката поразградлива, потоа овие компоненти се ставаат во станица за биодигестија. Процесот работи околу 24 часа, за тоа време пластиката се разложува во вода и јаглерод диоксид.

Но има и други студенти што имаат слични идеи за справување со проблемот на загадувањето од пластика. Студентката Морган Ваг најде решение за овој проблем преку размножување бактерии што се способни да ја разложат пластиката на помали безопасни нуспроизводи за средината.

Според овој пристап, микробите го деградираат полиетилен-терефталатот, попознат како ПЕТ-пластика, една од најчестите пластики во светот, која се користи во облека, шишиња за пијалаци и амбалажа за пакување храна. Морган Ваг, која ја проучува биологијата на колеџот „Рид“ во Орегон, рече дека ако овој процес се развие и забрза, може да се најде решение за глобалниот проблем со пластиката во светот. Таа за „Индипендент“ вели дека околу 300 милиони тони пластика се фрлаат секоја година, а само околу 10 проценти се рециклираат.

– Кога почнав да учам за статистиката за целиот пластичен отпад што го имаме, во суштина тоа ми покажа дека имаме навистина сериозен проблем и дека треба на некој начин да се справиме со него – вели Ваг за „Индипендент“.

Откако почнала да го изучува бактерискиот метаболизам, студентката одлучила да открие дали има микроорганизми што можат да ја деградираат пластиката. Таа почнала да бара микроорганизми приспособени за деградација на пластиката околу во почвата и водените површини покрај рафинериите во нејзиниот роден град Хјустон. Со земање примероци назад на колеџ во Портланд, почнала да тестира околу 300 вида бактерии за липаза, кои имаат ензим за варење маснотии потенцијално способен да ја разгради пластиката и да ја направи примамлива за бактериите.

Таа идентификувала 20 вида микроби што произведувале липаза, од кои три што имаат високи нивоа на ензимот. Од тие три, еден микроб што претходно не бил откриен, при принудна исхрана, по некое време почнал да ја разложува ПЕТ-пластиката.

– Изгледа како да ја распаѓа пластиката во безопасни нуспроизводи што не ѝ прават никакви штета на околината. Во овој процес на разложување микробите ги разложуваат јаглеводородите во пластиката, кои подоцна микробот ги користи како храна – вели Ваг.

Но таа предупредува дека е долг патот додека почнат микробите што јадат пластика да го прават тоа во стапка што ќе биде корисна за одложувањето на пластиката во светот. Според професорот Џеј Мелиес, микробиолог што ја надгледуваше тезата на г-ѓа Ваг, следниот чекор е да ги забрза, да ги подобри претходните третмани на ПЕТ-пластиката, за да стане попримамлива за бактериите и да се доразвијат за да почнат да консумираат други видови пластика.

– Проблемот со пластиката е огромен и многумина од нас почнуваат да стануваат свесни за тоа. Ова нема да биде целосно решение, но мислам дека ќе биде дел од решението – објаснува професорот Мелиес.