Името Чарлс Хардин Холеј ретко кому му е познато. Но, неговиот псевдоним Бади Холи е испишан со големи букви во историјата на рокенролот. Бади Холи е музичар, пејач, текстописец, композитор од САД, кој во 1950-тите години се стекнал со голема слава. Роден е во малото населено место Лабоку, Тексас, основано од страна на Квекерите во 1879 г. Тоа е град далеку од Њујорк, Мемфис или, пак, Нешвил, и не е познат по музиката. Првиот допир со музиката го имал преку радиото на кое слушал црнечка и мексиканска музика. На возраст од пет години учествувал на натпревар за млади таленти пеејќи ја „Down The River of Memories“, песна што ја научил од неговата мајка. На возраст од осум години почнал да свири на виолина и пијано, а подоцна се префрлил на гитарата. Со неговиот другар Боб Монтгомери станал дел од локално дуо познато како „Вестерн Боп“. Подоцна со тапанарот Џери Алисон, свирејќи дуо со гитара и тапан, создале необична комбинација на вестерн и кантри-музика.

Во 1956 г. на рок-концерт во Лабуку, во кој се наоѓал и Бил Халеј и кометите, тој и неговиот состав биле забележени од продуцентот на „Дака рекордс“, кој со нив потпишал договор за да издадат неколку сингл-плочи во Нешвил. Тие направиле две плочи што не биле многу успешни, но произвеле два класика „Rock Around With Ollie Vee“ и „Midnight Shift“. Така, подоцнежниот гигант на раниот рок и вљубеникот во кантри и блуз-музиката само што почнал да расте. Рокот во тие денови бил забавен, привлечен и го слушале сѐ повеќе луѓе. Сѐ уште не бил целосно оформена уметничка форма, но сѐ повеќе и повеќе изведувачи го свиреле, а бројот на вљубениците во него вртоглаво се зголемувал.

Во февруари 1956 г. заедно со Џо Модлин (бас), Ник Саливен (гитара) и Џери Алисон (тапани) ја формирале групата „Крикетс“. Во една пригода шетајќи без компас низ Кловис, Ново Мексико, се нашле во студиото на Норман Пети и почнале да снимаат музика, во која ги вградиле својата креативност и сите иновативни идеи и ги создале „That’ll Be The Day“, „I’m Looking For Someone To Love“ и легендарната „Peggy Sye“, во која Бади Холи се поигрува со ехото и првпат ја користи техниката наснимување. Холи и крикетите веднаш се искачиле на третото место на топ-листата во САД и на првото во Британија со својата изведба на „That’ll Be The Day“, напишана од Џери Алисон. Што и да била причината да се оттргне од кантри-музиката, била добра одлука за него и за растечката публика. Можеби успехот на Елвис и други во областа на рокот била причината за неговиот успех, но сепак тинејџерите играле и ги купувале неговите албуми, така што постепено станувал ѕвезда. Во 1958 г. одат на кратка турнеја во Австралија и Велика Британија, а во истата година Холи се венчал со Марија Елена Сантијаго од Њујорк. Тие се венчале во Лабоку и одлучиле да живеат во Њујорк.

Со таа одлука не се согласиле преостанатите членови од бендот, па така дошло до разидување помеѓу нив. Рано во 1959 г. кариерата на Бади Холи била на раскрсница. Каде се упатил или, пак, што мислел да направи засекогаш ќе остане мистерија. Познато е дека, поради фактот што неговата жена била од Порторико, посакал да научи да свири во фламенко-стил. Имал во план како рокенрол-музичар да соработува со соул-пејач (Реј Чарлс), но не стигнал да го реализира планираното. Судбината била побрза од неговите планови. Во текот на неговата турнеја „Winter dance party“, која била слабо организирана и со многу логистички пропусти, по еден концерт, на 3 февруари 1959 година, Холи изнајмил приватен авион и по големо невреме полетал заедно со младата рокенрол-ѕвезда Ричи Валенс и познатиот рокабили-музичар Биг Бопер. Кратко време по полетувањето авионот се срушил и трите музички ѕвезди засекогаш отпатувале во легендите.

Рокенролот штотуку го почнуваше својот живот кога се случи оваа голема трагедија што ја снајде музиката. Со денови по оваа голема трагедија медиумите пишуваа за неа, а светот на музиката беше завиен во црно. Угледниот „Лос Анџелес њуз“ на голем простор ја објави веста за трагичната смрт на тројцата пионери на рокенролот. Денот на несреќата во светот на музиката е познат како денот кога умре музиката. Веста за трагичната смрт на Бади Холи, која имаше ефект на разорен земјотрес, потресе една цела генерација, која во него гледаше пророк на рокенролот – генијалец што овозможи соединување на скифл-музиката со пионерскиот рокенрол. Остана легендата дека во авионската несреќа настрада вистинскиот рокенрол.

Бади Холи имаше метеорска кариера од неполни три години, во која се вивна во ѕвезда за уметноста на пишување песни, оркестрации, продукција, гитарско и пејачко фразирање. Роден гениј и најбрилијантен композитор на божественото стадо (Елвис Присли, Џери Ли Луис, Литл Ричард, Рој Орбисон, Џони Кеш). Може и поинаку: сите тие и плус Чак Бери ги поставија темелите на рокенрол-храмот, но милоста што ја благословуваше неговата изградба беше Бади Холи. Ѕвездите на шеесеттите му должат многу од својот успех на Холи. Тој ја создаде комбинацијата на две гитари, бас и тапани со дупло тракирање, на која капитилизирале идните ѕвезди. Сигурно Холи беше еден од најистакнатите музички таленти на шеесеттите години. Неговата музичка кариера траеше кратко, но тој сними голем број песни и во голема мера влијаеше во понатамошниот развој на музиката. Внесе голем број нови елементи, без кои е тешко да се замисли рокенролот. Исто така, долг е списокот на музичарите што ги импресионираше и на кои изврши големо влијание во нивниот музички развој. Најзначајни имиња на тој список се Џон Ленон, Пол Макартни, Мик Џегер, Боб Дилан, Елтон Џон и многу други.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)