Иако американските царини ја зголемуваат трговската неизвесност, сепак е релативно слаб нивниот целосен ефект врз светската економија

Ако се земат предвид сите фактори што најверојатно би ја поттикнале нестабилноста во светската економија во 2019 година, има простор за загриженост, но не и за паника.
Зголемените нивоа на корпоративен и јавен долг, бавниот пораст на работничките приходи, демографските проблеми и градењето политички ограничувања за структурните реформи претставуваат проблематична заднина за долгорочната иднина на економијата. Сепак беше ублажена најголемата закана по американската економија од трговската политика на Белата куќа, а тоа е пропаѓањето на договорот НАФТА. Потенцијалот за дополнителни американски царини за кинескиот увоз и за американскиот автомобилски увоз надвор од Северна Америка ќе создаде локални, секторски проблеми, но ќе има ограничено влијание врз американската и врз светската економија. Белата куќа ќе се повика на стабилен американски економски пораст за да го оправда агресивниот пристап во трговијата, иако стимулативните ефекти од намалувањето на американските даноци и фискалните трошоци ќе се намалат во наредните неколку месеци и американското монетарно штедење ќе има умерен курс.

Сè додека американскиот пораст е релативно стабилен, американските увозници ќе се борат да најдат евтини алтернативи на кинеските производи, а американските потрошувачи ќе продолжат да ги толерираат малку зголемените цени на кинеските производи, па Кина ќе може да ги издржи економските удари од постојаната конкуренција со САД додека силно ќе се потпира на домашните фискални приспособувања за да ја одржи стабилноста.

Во Европа сè уште може да се спречи сценариото на брегзит без договор, дури и ако има мал простор за тоа. Иако италијанската влада и Европската комисија ќе избегнат да ја ескалираат нивната конфронтација во системска криза, слабоста на италијанскиот банкарски сектор ќе остане најголем ризик по стабилноста на еврозоната. Европската централна банка (ЕЦБ) бавно и внимателно ќе почне да се ориентира кон монетарно штедење додека демне италијанскиот ризик по еврозоната и генерално забавува економската експанзија на Европа. Новите пазари ќе останат под силен притисок од силниот долар, слабите валути, високата инфлација, високите увозни даноци и домашните политички проблеми за економските реформи.

Договорот за финансиска помош на ММФ ќе спречи распад на аргентинската економија. Турција ќе има малку поголем политички простор за да се залага за полесни реформи во 2019 година додека ќе сака да ги спречи поконтроверзните аспекти во нејзината надворешна политика да ја влошат домашната економска стабилност. Иако помалите азископацифички економии ќе се најдат во средина на американско-кинеската трговска војна, тие исто така се меѓу првите места во кои американските компании во Кина сакаат да ги рашират синџирите на испорака додека трае конкуренцијата меѓу економските гиганти.