Антоан Гризман постигна два гола во финалето

Атлетико го освои третиот трофеј во ЛЕ (2010, 2012 и 2018), совладувајќи го Олимпик Марсеј со 3-0 во финалето во Лион

Атлетико Мадрид е победник во Лига Европа (ЛЕ), трет пат во клупската историја (по 2010 и 2012-та), совладувајќи го во финалето во Лион, Олимпик Марсеј со 3-0. Два гола даде Антоан Гризман, кој им се приклучи на клупските легенди Диего Форлан и Радамел Фалкао, кои постигнаа по два гола за Атлетико во европските финалиња. Третиот гол го постигна капитенот Габи, прв за него по 2105-та, кој на 34-годишна возраст стана највозрасниот стрелец во финален меч во ЛЕ.

За Олимпик, европскиот првак од 1993 година, ова беше трет пораз во финале во ЛЕ, односно Купот на УЕФА, по 1999 и 2004 година.
Шпанските екипи доминираат последниве години во ЛЕ и во ЛШ, за што сведочи податокот дека од 2013/2014 досега тие освоиле осум од деветте трофеи (исклучок е Манчестер јунајтед, кој победи лани во ЛЕ).
Гризман (27), играчот на финалниот меч, на најдобар начин ја заврши клупската сезона со 29 постигнати гола и 15 асистенции, на 48 натпревари во сите конкуренции. Гризман, кој има португалски, француски и германски корени, кариерата ја почнал во локалниот клуб во родниот Макон, а потоа во Монпелје. Како талентиран млад играч минува во академијата на Реал сосиедад во Сан Себастијан. Потоа, на 18-годишна возраст, во 2009 година, дебитира за Реал во шпанската Ла лига, а оттаму во 2014 година се сели во Атлетико Мадрид.
За Диего Симеоне ова е втор трофеј во ЛЕ (првиот го освои во 2012 година), неколку месеци по преземањето на тренерската функција, во декември 2011 година. Рекордни три пехари во ЛЕ има освоено само Уани Емери, со Севилја во 2014, 2015 и 2016. Во временскиот простор од 2012 до 2018 и двата пехара во ЛЕ, Симеоне со Атлетико го освои „кралскиот“ Шпански куп во 2013 година, шампионската титула и домашниот Суперкуп во 2014 година, УЕФА-суперкупот во 2012 и двете европски вицешампонски титули, во 2014 и 2016 година.

Веднаш по триумфот, додека радоста на фудбалерите, на раководството и на навивачите сѐ уште трае, почнаа шпекулациите каде би можел или би требало Симеоне да ја продолжи кариерата. Простата логика вели дека Симеоне не може да оди напред со Атлетико, оти го достигнал плафонот со тој клуб, кој е некаде на 15-та позиција во светот според годишната заработка. Како и да е, повеќе од сигурно е дека Симеоне ќе ги разгледа сите опции, па и за заминување, доколку бидат продадени, како што се најавува, Антоан Гризман, Саул Нигуез, голманот Јан Облак и некои други играчи. Но, друг проблем е каде би можел Симеоне да ја продолжи кариерата. Нема многу опции, а и тие полека се стеснуваат. Можната преселба во ПСЖ отпаѓа, бидејќи тие веќе го ангажираа Томас Тухел. Арсенал е без менаџер, но изгледа дека бара сличен менаџер на Арсен Венгер, според поимањето на играта и сѐ друго. Останува Челси како можност, но немањето долгорочна визија и честата промена на менаџери сигурно не му одат во прилог на Симеоне, кој, покрај успесите како менаџер, како играч беше шампион со Атлетико во сезоната 1995/1096.

ЛЕ, финале 2018 г.
Олимпик Марсеј –
Атлетико Мадрид 0-3
Гризман 21, 49, Габи 89