Портпаролот на грчкото министерство за надворешни работи, Александро Ѓенимата, вели дека се расветлени сите случаи што ги споменува Тирана и оти грчките власти се одлучни во сузбивањето на секаков вид криминал и ги осудуваат насилството и расизмот.

– Грција е европска земја, каде што владеењето на правото функционира ефикасно. Надлежните власти веднаш ги третираа и ги решија сите прашања споменати од албанското министерство за надворешни работи, како што соопшти и грчката полиција. Ги осудуваме сите форми на насилство и расизам, кои може да бидат опасност по човечките животи. Обидите на албанското министерство за надворешни работи да ги поврзе различните кривични предмети и да ги стави во отворена кампања на омраза и насилство, не се реални и се неприфатливи – наведува грчкото МНР во реакцијата.

Притоа, официјална Атина повторно потсетува на убиството на Костандинос Кацифас, нагласувајќи дека очекува завршување на истрагата.

Истовремено бара од албанското министерство за надворешни работи да биде поодговорно и повоздржано и да ја зачува ладнокрвноста, што е потребно во вакви случаи.

Албанското министерство за надворешни работи прексиноќа остро реагираше, изразувајќи голема загриженост за „серијата убиства на Албанци во Грција“, наведувајќи дека за две недели се убиени четворица Албанци.

Реакцијата следуваше по убиството на Марио Исаку (18) во грчкиот град Кавала.