Аргентина обезбеди настап на СП најрано досега откако беше воведен сегашниот квалификациски систем во Јужна Америка, за СП 1998. Селекторот Скалони создаде цврст тим, но и го подмлади. Крајната цел е тимот да се подобрува и да атакува на титулата во Катар. Меси останува највлијателна фигура на теренот и е најдобар стрелец на тимот во квалификациите за СП 2022

Аргентина, светскиот фудбалски првак од 1978 и од 1986 година, обезбеди настап на Светското првенство (СП) во Катар во 2022 година, на пет меча до крајот на квалификациите, најрано досега откако е воведен сегашниот квалификациски систем во Јужна Америка, за СП 1998. Аргентина секогаш ги почнуваше квалификациите како фаворит, но малкумина очекуваа дека до Катар ќе стигне на ваков импресивен начин, пишува на интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Селекторот Лионел Скалони успеа да создаде цврст тим, но и да го подмлади. Крајната цел е тимот да се подобрува и да атакува на титулата во Катар. Скалони ретко играше со истите единаесетмина, но тоа не ја спречи Аргентина да игра постојано добро. Со Лионел Меси како неприкосновен лидер, Скалони го засили тимот преполн со играчи способни да преземат дел од неговиот товар за да се постигне успех. ФИФА во анализата ги разгледува и другите фактори битни за успешна кампања на Аргентина. Бројот 10 останува највлијателна фигура на теренот и е најдобар стрелец во тимот во прелиминарните натпревари за пласман на СП 2022, со шест гола на 12-те натпревари. Аргентина од транзицискиот процес излезе посилна. Голманот Емилијано Мартинез и централниот дефанзивец Кристијан Ромеро се етаблираа како одбранбени столбови во репрезентацијата, која на шест квалификациски меча не прими гол. За темпото на играта во средниот ред е задолжен Родриго де Пол, еден од играчите чија задача е да ги ублажи ефектите од зависноста на Аргентина од Меси. Константноста и динамиката на членот на Атлетико го направија неприкосновен прв избор. Во нападот, Лаутаро Мартинез ја оправдува вербата на Скалони во него, тој е вториот најдобар стрелец на тимот во квалификациите со пет гола, плус четири асистенции, една помалку од Џовани Ло Селсо.
Кога станува збор за искуството и за помошта на помладите во тимот, 34-годишниот Меси може да смета на поддршката од Николас Отаменди и од Анхел Ди Марија, кои имаат по 33 години. Слични улоги имаат Маркос Акуна (30) и Алехандро Гомез (33), Ло Селсо (25) и Хоакин Кореа (27) имаат доволно искуство и покрај релативната младост. Од помладите се ѕвездите во подем како Нахуел Молина (23), Николас Гонзалес (23, два гола), Ексекил Паласиос (23) и Хулијан Алварез (21), кои имаа голем придонес во квалификациите.


Бројките се важни

Фудбалската репрезентација на Аргентина не е поразена на 27 меча под водство на селекторот Лионел Скалони. Во квалификациите за СП 2022 забележа осум победи и пет ремија. Аргентина им стави крај и на некои несакани традиции на гостувањата. Првпат по 15 години беше победена Боливија, по 16 години Перу, по 14 Венецуела, а Уругвај првпат по 12 години. Деветмина ги постигнаа 20-те гола во квалификациите: Меси (шест), Мартинез (пет), Хоакин Кореа, Николас Гонзалес (двајцата по два), Анхел Кореа, Де Пол, Ди Марија, Леандро Паредес и Ромеро (сите по еден).