Група Македонци од дијаспората испратија писмо до организаторите на „Бојкотирам“ и до неколкумина претставници на партии и поединци што се противат на договорот за името од грчка Преспа. Во писмото се вели: „Ние долунаведените лица, претставници на нашите македонски заедници во Австралија, Европа и Канада, ви се обраќаме во врска со исклучителната критична ситуација во која се наоѓа Република Македонија.

Како што знаеме, ако поминат уставните амандмани предложени од ненародната, квислиншка влада предводена од Зоран Заев и се ратификува злогласниот Преспански договор, македонскиот етнички и национален идентитет заминуваат во историјата и ќе бидат заменети со грчката / ЕУ/НАТО/САД вештачка творба Северна Македонија и лажен северномакедонски идентитет. Со тоа им се става крај на нашата македонската посебност, историја, култура, идентитет, обичаи и јазик во служба на империјалистичките стремежи на ЕУ, НАТО и САД.

За да се избегне ова црно и трагично сценарио, македонскиот народ, воден од масовното и одлучно отфрлање на Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември, треба итно да преземе решителни и цврсти акции, применувајќи ги сите расположливи мирни и легални методи на борба, во одбрана на Македонија и нејзиното име и сите обележја што нѐ одликуваат како посебен народ. Но тоа само може да се случи ако се обединат во еден широк фронт сите сили што се спротивставуваат на антимакедонската политика на сегашната нелегитимна власт.

Затоа, апелираме до вас како водечки македонски политички чинители и предводници на отпорот, заедно со другите движења, интелектуалци, уметници и сите други елементи во Македонија, кои се незадоволни од овој режим, веднаш да се обедините и да го поведете и организирате масовниот народен отпор против Преспанскиот договор и убиствените уставни амандмани. Ставете ги настрана личните суети и амбиции, минатите недоразбирања и кавги и вашите идеолошки, политички и верски разлики и обединете се за постигнување на највозвишената и примарна цел – зачувување на Македонија како држава на македонскиот народ и нашето вековно име, историја, јазик, традиции и идентитет преку запирање на постапката за усвојување на незаконските уставни измени и поништување на Преспанскиот договор. Македонската дијаспора во целиот свет ви стои на располагање за постигнување на нашите заеднички и благородни цели. Апелираме до вас колку што е можно побрзо да се состанете и да договорите стратегија за одбрана на Македонија“.

Потписници на апелот: д-р Ристо Попов, Историчар и активист за македонски човекови права, Мелбурн, Австралија, д-р Ицо Најдовски, историчар и водител на Македонската програма на Радиото 3ZZZ, Мелбурн, Австралија, Бил Николов, претседател, на меѓународно македонско движење за човекови права (ММДЧП/MHRMI), Торонто, Канада Крис Ангелков, потпретседател на македонската заедница за Западна Австралија, Драган Стоиловски, координатор на координативно тело на македонската дијаспора за протести во Европа, Винтетур, Швајцарија, Драги Стојковски, активист на организацијата „Обединети Македонци“ во Канада и Македонското меѓународно движење за човекови права Торонто, Живан Рендев, основач на ФБ-страницата Viva Macedonia/Да живее Македонија, активист за македонски човекови права, Мелбурн, Австралија, Боби Темелков, претседател на Светски македонски конгрес – Канада,
м-р Гоце Дуковски, активист за македонски човекови права, доживотен управен член на КУД „Никола Карев“ (Мелбурн) Австралија, Мирјана Стојковска-Сартинас, активистка за македонски човекови права и финансиска советничка, Мелбурн, Австралија.

31 октомври 2018 г.