Фото: Маја Јаневска-Илиева

Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска. Тоа е како да го поставите прашањето дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска, кажа вчера вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, одговарајќи на новинарско прашање на завршната работилница за техничката поддршка на Република Македонија.
– Сепак можам да гарантирам дека со новиот Закон за енергетика, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот – рече Анѓушев.

Тој појасни дека ова се овозможува со механизмот на универзален снабдувач, што се воведува со законот. Во согласност со новото законско решение, треба да биде објавен оглас за универзален снабдувач во рок од 90 дена од стапување во сила на законот. Тие 90 дена веќе течат, со оглед на тоа што тој неодамна беше донесен, а универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер и во тој избор повеќе нема да има признавање непродуктивни трошоци од страна на Регулаторната комисија.
– Компаниите ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија и тука ќе биде нивната конкурентност. Законот стимулира пазарно ориентирани компании, што на конкурентна основа ќе бидат стимулирани да ги намалуваат непродуктивните трошоци – појасни Анѓушев.

Тој додаде дека универзалниот снабдувач гарантира две работи. Прво граѓаните се заштитени. Енергетската заедница се согласила во преодните одредби од законот да стои дека првите години, почнувајќи од првата година на имплементација, 80 отсто од произведената електрична енергија од домашното производство од владината ЕЛЕМ да оди до граѓаните преку универзалниот снабдувач, со што граѓаните на подолг рок ќе бидат заштитени од ценовните шокови на пазарот.
Претходниот закон нудеше заштита до 2020 година, а новиот нуди заштита во следните седум-осум години, во кои континуирано ќе паѓа процентот на произведена електрична енергија од ЕЛЕМ, што ќе оди кон домаќинствата.

Второ, ќе има голема корист за компаниите на РМ и за сите што сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават-час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават-часа. Ова им овозможува тие да се борат на светскиот пазар. Законот овозможува Македонија да биде дел од европското семејство и во енергетска смисла – објасни Анѓушев.
Тој нагласи дека во моментов во земјата за тргување со електрична енергија се лиценцирани над 50 компании, додека за снабдување над десет.
Анѓушев додаде дека граѓаните ќе можат да го изберат својот снабдувач, откако ќе се избере универзалниот.
– Во моментот кога ќе биде избран универзалниот снабдувач ќе се создадат услови и граѓаните да можат да бидат на слободниот пазар – дополни вицепремиерот задолжен за економски прашања. Е.Р.