Антибиотици – правилна употреба за најдобар ефект и спречување на несаканите ефекти и антибиотската резистенција!

Не треба да се заборави дека освен позитивните ефекти антибиотиците имаат и одредени нуспојави, кои се должат на фактот што покрај патогените ги уништуваат и добрите бактерии и на тој начин ја нарушуваат нормалната цревна микрофлора

Иако бактериите се насекаде околу нас и инфекциите се случуваат во текот на целата година, сепак, не случајно, есенско-зимскиот период се означува како антибиотска сезона! Животот во затворен простор, променливото време, загадениот воздух и недостигот од сонце се идеални за ширење голем број бактериски инфекции, кои најчесто се третираат со антибиотици. Антибиотиците се лекови од природно или од синтетичко потекло, кои можат да ги убијат бактериите (бактерицидно дејство) или да го спречат нивниот раст (бактериостатско дејство).
Има повеќе групи антибиотици, кои дејствуваат на различен начин: пеницилини, цефалоспорини, аминогликозиди, хинолони, тетрациклини, сулфонамиди, макролиди и други. Генерално своето антибактериско дејство го исполнуваат по пат на: спречување на синтезата на клеточниот ѕид на бактериите (пеницилини, цефалоспорини), спречување на синтезата на протеините (тетрациклини, аминогликозиди, макролиди), спречување на синтезата на нуклеинските киселини (рифампицин) или забавување на метаболизмот.

Иако одлуката за почеток со антибиотска терапија и изборот на антибиотик е исклучиво во рацете на лекарот, генерално антибиотици се ординираат во случај на: јасни анамнестички податоци (пр. комбинација од висока температура, црвено грло, жолто-зелен назален секрет, продуктивна кашлица итн.) и крвна слика, кои упатуваат на бактериска инфекција (значајно покачени леукоцити и ЦРП), позитивен микробиолошки наод или превентивно пред и по оперативни процедури. Токму затоа мора да бидеме свесни дека антибиотиците се комплетно некорисни за третман на вирусни заболувања (грип, настинка итн.), а нерационалната примена на антибиотиците ја намалува нивната делотворност. Уште повеќе, за да се постигне најдобар антибиотски ефект треба да се пијат во точно одредено време (пр. на 8 часа) и доволно долго т.е. да се испие целата кутија (или колку што препорачал лекарот) независно дали веќе се чувствуваме добро. Ако се пропушти дозата не смее да се зема двојна доза одеднаш. Со неправилна употреба на антибиотиците создаваме отпорни бактерии (бактериска резистенција) и со тоа негативно влијаеме не само на сопственото здравје туку и на здравјето во глобална смисла. Важно е и да се користат на начин сугериран од нашиот лекар или фармацевт за да се постигне максимална ефикасност. Генерално треба да се пијат со полна чаша вода, а за време на антибиотската терапија треба да се воздржиме од: користење храна богата со калциум (млеко и млечни производи), како и додатоци во исхрана со калциум, магнезиум и железо, и консумација на алкохол. Калциумот формира нерастворливи комплекси со тетрациклините (жолти заби), железото интерферира со хинолоните, а алкохолот генерално влијае на метаболизмот на лековите и го намалува нивниот ефект или го продолжува периодот на присуство во организмот.

Не треба да се заборави дека освен позитивните ефекти антибиотиците имаат и одредени нуспојави, кои се должат на фактот што покрај патогените ги уништуваат и добрите бактерии и на тој начин ја нарушуваат нормалната цревна микрофлора. Најчести штетни последици од примената на антибиотици се стомачните проблеми: антибиотски асоцирана дијареа (ААД), надуеност и стомачна болка, но и ослабување на имунитетот и ризик од појава на опортунистички габични инфекции (кандидијаза). Поради сево ова вообичаена практика е при третманот со антибиотици да се користат и соодветни пробиотици, кои помагаат за обновување на цревната микрофлора и на тој начин ги минимизираат несаканите ефекти на антибиотската терапија.

Пробиотиците, најдобро во комбинација со цинк, значајно ги намалуваат стомачните тегоби и го засилуваат имунитетот. За најдобар ефект пробиотиците треба да се земаат 3 часа пред или по пиењето на антибиотикот за да не дојде до уништување на пробиотските бактерии од страна на антибиотикот. Важно е примената на пробиотиците да започне уште на самиот почеток на антибиотската терапија и да продолжи една до три недели по прекинот на терапијата.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор