Секој што зеде цеде и ДВД на промоцијата, можеше да донира за лекувањето на Ања. Доказ за хуманоста на присутните се собраните 50.000 денари

Панчо и Андреј од групата „ДНК“ завчеравечер на терасата на хотелот „Парк“ во Скопје ги промовираа своите 16 години на македонската естрада, издавањето на албумот „The best off“ со 22 најпопуларни хита од претходните три цедиња и новата песна „Дијамант“, како и спотот снимен за неа. Присуствуваа голем број нивни пријатели, колеги, поддржувачи и секако верната публика. Наедно беше претставено и ДВД од концертот одржан лани во арената „Метрополис“ во Скопје, по повод нивниот јубилеен роденден – 15 години „ДНК“.
Водителката Лила Стојановска, отворајќи ја промоцијата рече дека Андреј и Панчо се едни од најетаблирани имиња на македонската естрада, миленици на публиката, а имаат амбиции, за почеток, да го освојат и Балканот.

– Токму публиката, која е со нас сите овие години и безрезервно нѐ поддржува, е причината за тоа што сме тука вечерва. Да не беа обожавателите, спонзорите, нашите соработници, можеби немаше да ги дочекаме овие 16 години на сцената. Но, ние не се даваме, постојано се бориме да бидеме подобри, иако публиката нѐ прифати онакви какви што сме и ѝ благодариме поради тоа – рече Андреј поздравувајќи ги присутните.
Панчо, пак, ги поздрави сите долгогодишни соработници со кои групата работела овие 16 години, меѓу кои се и Роберт Билбилов, Дарко Димитров, Тамара, Магдалена Цветковска… и секако композиторот и продуцент, Лазар Цветковски, за кого велат дека е нивни трет член.

– Презадоволен сум од она што го реализиравме со „ДНК“, всушност, ние сме веќе како фамилија, долго време соработуваме. Со третиот албум направиме колаж од различни стилови, аренби, хипхоп, поп…. Сѐ измешавме и добивме еден убав звук, а на публиката ѝ оставивме сама да си одбере која песна ѝ е омилена. „ДНК“ се меѓу ретките на нашата сцена што се фокусирани на работата, големи професионалци се, искрени и, најважно, имаме меѓусебна доверба. Споделуваме позитивна енергија и публиката тоа го прифаќа и се надевам дека и во иднина ќе биде така – вели Цветковски.

Тој дополни дека за еден композитор е најважно неговите песни да ги пеат вистински луѓе, бидејќи само така тие имаат шанса да станат хитови.
Го погледнавме и интересниот спот за новата песна „Дијамант“, дело на Панчо и на Лазар, за која спотот го режираше Александар Ристовски-Принц. Во него се појавуваат: Едина Муса, Буцо Бит Бокс, кошаркарот на МЗТ, Џордан, со неговата девојка Тифани Росарио и многу други познати личности.
Сепак, најемотивен момент на целата промоција беше кога на сцената се појави младата штипјанка Ања, за која Панчо и Андреј велат дека е нивни идол и инспирација, бидејќи нашла сили да се бори со тешкото срцево заболување.
Ања секојдневно ја победува болеста со својата насмевка и со големата поддршка што сѐ повеќе ја добива од јавноста. Неодамна во Кардиолошкиот центар во Берлин ѝ беше вградена пумпа, која го одржува нејзиното срце во нормална состојба, со што Ања доби време, а наредна цел е трансплантација на срце. Наскоро таа заминува во Бугарија на рехабилитација, за што ѝ се потребни финансиски средства. Токму поради тоа сите што ги зедоа најновото цеде и ДВД на „ДНК“ можеа да донираат средства за нејзино оздравување.

– Од сѐ срце ви благодарам на сите – рече насмеана Ања, чиј оптимизам зрачеше од сцената.
Таа рече дека се чувствува супер и оти е подготвена за нови битки. На профилот на „ДНК“ на Фејсбук, Панчо и Андреј напишаа: „Нашата промоција ја посветуваме на Ања, која е наш херој и идол. Aња е нашиот борец и мотив секој ден да бидеме подобри луѓе. Таа водеше борба за својот живот и се избори. Остана со нас да нѐ плени со насмевка и да ни пренесе неизмерно огромна волја за живот. Ви благодариме на сите за присуството, собравме 48.286 денари“.
Со ова Панчо и Андреј продолжуваат, освен со своите песни, обожавателите да ги радуваат и со својата хуманост.