Ангелот

Ајде малку да се одмориме од смрдеата на политичарите, и политиката и општото морално распаѓање што го диктираат тие: да се кренеме малку во просторот на убавото заборавено од човекот и да дишеме озон. Oттука, во оваа наша денешна колумна, драг читателу, главен лик е ангелот за што ќе стане збор. Што бара тука и кој е тој? Натрапник ли е, ноќен гостин или блага вест, модар глас, длабока тишина, соната скината од небесните сфери, Ом од кој како лотосов цвет од прасредиштето се отвора во концентрични кругови небесата по создавањето? Конечно, колку е населен во прашањето, а колку во одговорот на тајната на чија трпеза се храни тој, а потоа и нам ни ја нуди насоне или најаве? Оти кога ќе нè посети Ангелот сè е „сон во сонот“, венчален прстен, како што би рекол Е.А. По кај кого и љубената Анабел Ли е ангел.

Ама дали доаѓа Ангелот кај нас, или ние одиме кај него? Кој од нас двајцата е магнетот што влече посилно? Нашиот повтеж кон него е копнежот по Небото, иако за тоа како што би рекле ревносните теолози ни е доволен само Бог. Да. Ама и покрај тоа сепак, можеби и без дозвола на Создателот, кај нас Ангелот е тој што се востоличил како средиште на тајната, како нејзин трансцендентален клуч. Тоа е клучот што и Бог во првиот ден од создавањето на светот го употребил за да ја отклучи заробената енергија на светлината и да ја запали ламбата на електроните во секој еден атом од темната материја. Оти, дали е случаен во тој контекст и космичкиот блесок со кој засветкал Луцифер, првосоздадениот омилен, а потоа одметнат, паднат ангел на Создателот? А не е случајно и тоа што, без и да бидеме свесни за тоа, ангелите нè посетуваат во часовите на тага, болка и душевни помраченија за да нè осветлат и утешат, да ни ги преобразот мачнотијата и немирот во смирение и радост. Фројд го објаснува и дефинира тоа со поимот сублимација, ама без да ја допре длабочината на тајната. Тоа, пак, поубаво со една прекрасна проширена метафора пред него го објаснил и дефинирал нашиот свети Климент Охридски, кој во центарот на својата теологија и хуманистичка филозофија го поставува императивот на човекот за искачување од анималното кон ангелското. Тоа е онаа еволуција по падот на која не се сети Дарвин, еволуцијата на светлото и светлината, а на која ќе ѝ се посвети божествениот Климент.

Да. Па сепак нас нè интересира дали можеме евентуално, без да го минеме тој целоживотен еволутивен пат од анималното кон ангелското, на прескок да се вивнеме до самиот Ангел и да вечераме со него Леб и Сол? К.Г. Јунг, најголемиот и најфасцинантен истражувач во психологијата на човековата душа и соништата, вели дека ни во еден од соновите, колку што ги анализирал илјадници, кои се однесуваат на трансцеденталниот симбол на виножитото не наишол на пример во кој сонувачот минува над неговиот лак од спектарот на боите. Во сите нив тој минува само под него. Над него се ангелите, кои само го обликуваат и оживуваат ангелското во нас, давајќи му крилја на нашиот копнеж по надземното, конечно на нашата прамеланхолија по Бог и загубениот рај по изгонот од него. Такви, тие го опремуваат со крилја нашиот сон со кого повтуваме да се искачиме над виножитото во трансцеденталниот простор на апсолутно Светото. Но дали и тогаш успеваме да го направиме тоа? Дали и Сведенборг, како што нè убедува, навистина еден дел од животот во надземна екстаза го поминал меѓу ангелите, давајќи ни опис на нивната хиерархија и небесни задолженија, или е тоа само плод на неговата бујна фантазија, психопроекција како што би рекол пак Фројд, или Адлер? Сеедно.

Па и онаа Ружа за која ни раскажува Колриџ дека ја скинал во ливадите на Рајот додека шетал низ нив во сонот, а потоа кога се разбудил ја видел на наткасната до креветот. Дали и таа всушност не е само една прекрасна поетска мистификација, фикција облечена во ангел? И дали нему, всушност, неа не му ја снел ангелот во неговата соба, а тој тоа чудо си го припишал себе? Тоа е веројатно пореалната варијанта. Да. Оти ако ние, како што го утврдува тоа во своите акрибични анализи на соништата и К.Г. Јунг, ни во сонот не можеме да се искачиме над лакот на виножитото, тогаш нашата средба со Ангелот е некаде под него, на некое земно место на кое таа му втиснува свет белег. Го прави свето. Или, важно прашање, можеби само на поетите, според законот на предесинацијата или Божјата милост, им е дадена таа привилегија и моќ да се искачуваат над трансцеденталниот лак на виножитото? Како што на некој начин сугестивно нè убедува и Колриџ со неговата Рајска Ружа. Како поет лично сум склон да поверувам во оваа неверојатна хипотеза, оти нели и Исус рече дека верата е посилна и стои над разумот, оти во неа, не во него се крие и клучот на Спасението.

Склон сум да поверувам макар и под претпоставката дека Ангелот е фигура, вистинската, на поетското вдахновение. Тој ја влече со енергијата на божествената екстаза напред и инспирацијата отелотворена во неа, како што ја влече плугот на Јахве Прабраздата во која фрленото семе уште непотрупано веќе раскрилува, ангелолико, и ги тера да вртат тешките мелнички камења на водениците и да мелат хиерогамиско брашно во постелата на љубовниците.

Ангелот е екстаза на битието, сериозна и страшна јанѕа, космички провев, Убавина што е опасна ако не знаеме како да го припитомиме нејзиниот огин. Таа е, како што вели и Рилке на почетокот на „Дуинските елегии“, почеток на Страшното, негова есенција. Понекогаш, пак, Ангелот тој страшен товар од убавина што го зрачи неговата појава, дали по грешка, го симнува и во битието на децата, кои одвај можат да го додржат него. Тие тогаш, како што велат во мојата родна Малешевија, зајдуваат во бледило, премруваат како потфатени од некој бран епилепсија. Тогаш селаните знаат дека детето го видело Ангелот и самите крикнуваат: „Ангелосà се дететò“. И тоа е така ангелосано сè додека не се поврати од молскавичниот шок на необјаснивото доживување или видение на Светото и не почне повторно да му пулсира нормално срцето. И еве ја алхемијата на Убавината и Стравот измешани со најчудната синтеза во битието за која знаеле селаните во Малешевијата и пред Рилке, оти и нив ги заплискувал и насоне и најаве бранот на феноменот Ангел.

И јас во детството не еднаш, не знам колку пати сум бил потфатен од тој бран, сум се ангелосувал. Се сеќавам на некои мигови, кога ќе наминел тој, како сум ја видел исплашена мајка ми како ме држи во скутот. А средбата со Ангелот ми се случувала и во раните младешки години, па и подоцна кога сфатив дека сум испратен во овој свет покрај другото и со благослов и задача на поет, со што Тој што ме испратил ги врзал алките на континуитетот на моето ангелосување. Пред сè со чинот на поезијата, која ако ја истражува тајната на апсолутната егзистенција, и не може да опстои без Ангел и ангелосување, без основната фигура на екстаза и фасцинација.

Се разбира во моите средби со Светото доминираат ангелите од македонските цркви, кои уште во раното детство одејќи со мајка ми на причест сум ги гледал со оѕверени очи, малешевски идиом за она што Рилке го дефинира како отворен поглед на ѕверовите во Тајната и Бескрајот. Во Непознатото. Секогаш сум се чудел на нивната недопирлива рамнодушност, гледајќи ги како облетуваат околу распнатиот Исус без да ја сфатат болката и да минат низ неговите рани. Да. Ама сум ги видел и со тажен, паничен израз на ликот во композициите „Успение на пресвета Богородица“. Не се сеќавам дека такви нив сум ги видел и во цркви надвор од Македонија, како што не сум ја видел нигде на друго место и Марија со толку длабока болка како во „Свети Пантелејмон“ во Нерези да го оплакува мртвиот Исус. Сепак не може да се зборува за некој вид психолошки карактер на Ангелот. Тој е феномен надвор од психологијата каква што е таа карактеристична за човекот. Тоа е затоа што неговиот карактер е апсолутно трансцендентален. Едноставно, тоа е неговата божествена сериозност, стаена есенција, внатрешна светлина и свеченост. Отелотворен празник. Екстаза што го исполнува целиот бескрај на простор/времето. Паскал силно ја почувствувал неа кога крикнал: „Тие простори ме ужасуваат!“ Ангелска екстаза, она што толку многу му недостига на модерниот човек заглавен во челуста на технологијата и материјалниот профит, одделен од Бог и Божественото, кој не копнее макар и во сонот да се обиде да се искачи над лакот на виножитото. Ниту очекував да го посети Ангелот неговиот дом, иако, како што вели и Емили Дикинсон, ангелите се секогаш и насекаде во наше соседство. Да, ама Светото секогаш ги посетува само посветените, кои не стојат надвор од неговиот епицентар. Тоа важи дури и за мртвите легнати во гробовите во кои, како што убаво го видел тоа ангелосаниот Георг Тракл, од оние што им припаѓаат на љубовниците се крева еден виолетов Ангел. Оти, конечно, и во гробовите златната труба на ангелите што викаат за воскресение ќе ја чујат само посветените во Светото.

Оние што биле тоа и пред заминувањето од овој свет. Оти ако не си го запознал Ангелот, ако не си воскреснал во животот нема да воскреснеш ни во смртта. Тоа е законот на трансцеденталната вистина, која не ја познава ниту сака да ја спознае модерниот човек одвоен од Светото. Тој не умее да се ангелоса, да зајде, да премре од страшната Убавина на трансцеденталното, и цената што ја плаќа за тоа е голема.