Романската војска годинава од САД очекува да ја добие технолошки најнапредната верзија на системот за противвоздушна и ракетна одбрана „патриот“

Истражување на Меѓународниот институт за мир во Стокхолм

САД и Русија и натаму остануваат да бидат на врвот од листата на светски извозници на воена опрема во периодот од 2014 до 2019 година, иако обемот на продажбата на оружје од Русија е значително намален во однос на минатиот петгодишен период (2010 – 2014). Ова, меѓу другото, го покажуваат податоците од извештајот на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), објавен неодамна. Во последната анализа за состојбата со трговијата со оружје се забележува дека во периодот од 2015 до 2019 година обемот на трговијата на светско ниво е зголемен за 5,5 отсто, во споредба со изминатиот петгодишен период од 2010 до 2014 година.

– Помеѓу 2010-2014 и 2015-2019 година, извозот на оружје од САД порасна за 23 отсто, зголемувајќи го неговиот удел во вкупниот глобален извоз на оружје на 36 отсто. Во периодот 2015-2019 година, вкупниот извоз на оружје од САД беше за 76 отсто поголем од извозот на вториот најголем извозник на оружје во светот, Русија. Воената опрема од САД се продаде во вкупно 96 земји низ светот, при што половина од државите се лоцирани на Блискиот Исток – се наведува во извештајот на СИПРИ. Дополнително во документот стои дека американската продажба на оружје во изминатиот период бележела раст како резултат на одобрувањето за продажба на хеликоптерите од типот „апачи“ на американскиот Стејт департмент на Индија, во вредност од 1,21 милијарда долари, како и со склучувањето договори за набавка на ракетниот систем „патриот“ со Полска и со Романија.

Од друга страна, уделот на воениот извоз на Русија во изминатите 5 години изнесуваше 21 отсто на светско ниво, што во споредба со претходниот период од 2010 до 2014 година е намален за некаде од 6 отсто. Тоа е така бидејќи снабдувањето на Индија со руско оружје, главниот партнер на Русија во областа на трговијата со оружје, значително стагнира во изминативе години во споредба со период од 2010 до 2014 година, наведува СИПРИ.

Главни муштерии на Москва и понатаму остануваат да бидат Индија (во моментов најголем увозник на оружје во светот), Кина, Венецуела и Алжир.
За разлика од Америка, која на пријателите и сојузниците главно им продава скапа, најсовремена воена опрема, Русија глобално распродава одамна проверени советски производи по релативно ниски цени. Интересно е што Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм забележува дека француската продажба на оружје во периодов е зголемена и таа го достигна нејзиното највисоко ниво уште од периодот во 1990-тите години. Сега, според СИПРИ, Франција е трет најголем извозник на воена опрема во светски рамки, со вкупно 7,9 отсто од пазарот.